Admir Fazlagic
07 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи соопшти дека единицата „Алфи“ вчера го лишила од слобода и го привела во полициската станица П.А. (65) од Скопје поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ на 27 април во Собранието на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на МВР, со лицето бил извршен службен разговор, во кој тоа ги појаснило преземените дејствија.
„Откако П.А. влегол во салата каде што се одржувала прес-конференција, со употреба на физичка сила ги нападнал пратениците З.З., Р.Ш. и Р.И., а се туркал и со вработени од обезбедувањето”, се вели во соопштението.
По завршување на разговорот и констатирање на дејствијата, наведува МВР, вчера околу 19 часот П.А. бил предаден на Основното јавно обвинителство во Скопје за понатамошна постапка.
Министерството за внатрешни работи соопшти и дека во рамки на мерките кои СВР Скопје ги презема за идеинтификување на учесниците во немилите настани на 27 април во Собранието, на 5 мај на службен разговор биле повикани уште три лица, две од Скопје и едно од Велес.
„Од страна на Јавниот обвинител била дадена насока, по завршување на потребните проверки и службени разговори, лицата да бидат пуштени од полициска станица, а документираниот доказен материјал за нив, во нареден, претходно договорен период, во просториите на Основното јавно обвинителство да им биде презентиран. По разгледувањето на презентираниот доказен материјал во Основното јавно обвинителство, од нивна страна ќе бидат дадени насоки кога да им се поднесе кривична пријава и на кој начин ќе се обезбедат истите лица, во смисла дали ќе бидат повикани или ќе бидат лишени од слобода со претходно издадени наредби од Основното јавно обвинителство”, информира МВР.
Во соопштението се додава дека Секторот за внатрешни работи Скопје, во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје, и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и на идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните.