Emre Gürkan Abay
11 Февруари 2018•Ажурирај: 12 Февруари 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за транспорт, Максим Соколов, потврди дека никој од 71 патник и членови на екипажот не ја преживеал денешната авионска несреќа во близина на Москва, јавува Anadolu Agency (AA).
Соколов изјави дека загинале 65 патници и шест членови на екипажот на авионот АН-148, така што идентификацијата на жртвите би можела да потрае подолго.
„Тоа беше тешка несреќа и идентификацијата на некои од жртвите може да потрае подолго. Потребни ни се ДНК примероци од роднините за овој процес“, рече Соколов.
Патничкиот авион „Саратов ерлајнс“ се урна денес само десет минути по полетувањето од аеродромот во Москва кон градот Орск.
Остатоци од авионот се пронајдени во Раменскаја, на околу 40 километри од аеродромот.
Истрагата за причините за несреќата е во тек, а пронајдена е и црната кутија. Рускиот претседател Владимир Путин нареди формирање на специјален владин истражен тим за случајот.
Руските медиуми јавуваат дека авионот бил произведен во 2010 година, а дека од 2015 го 2017 година не бил во употреба поради дефект и недостиг на делови.