Mohamad Misto,Halit Süleyman,Selen Temizer
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
ИДЛИБ (АА) - Во северозападниот дел од Сирија, врз центарот на Идлиб кој е под контрола на опозицијата беа изведени 10 воздушни напади во кои загинаа 21 цивил, а 18 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на цивилната заштита на Идлиб, Омер Улван, за АА изјави: „Авионите за кои претпоставуваме дека ѝ припаѓаат на Русија, во квартот Кусур во Идлиб изведоа 10 воздушни напади”.
Улван истакна дека во нападите животот го загубија 21 цивил, а 18 се ранети, и додаде дека цивилната заштита и здравствените екипи ги извлекле ранетите од местото на нападите.
Во својата изјава Улван истакна дека во нападите се урнати или им е причинета материјална штета на голем број згради. Ранетите се префрлени во градските болници, а некои од нив се во тешка здравствена состојба.
Режимот во Сирија вообичаено ги изведува воздушните напади со еден или со неколку авиони, додека во воздушните напади што ги изведува Русија учествуваат поголем број авиони.
На 30 декември, под гаранции на Турција и Русија, меѓу завојуваните страни во Сирија беше прогласен прекин на огнот.
Во главниот град на Казахстан, Астана, на 23. и 24. јануари се одржа состанок на тема Сирија, на кој од страна на Турција, Русија и Иран беше постигнат договор за формирање трилатерален механизам за набљудување, со цел да се спречат прекршувањата на огнот.
Вчера страните одржаа технички состанок околу структурата на трилатералниот механизам.