Admir Fazlagic
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Откако Македонија и Грција го потпишаа Преспанскиот договор во месец јуни минатата година, во Преспа, со кој се решава повеќедеценискиот спор за името, претстоеше процесот на гласање на уставните измени во Собранието на Република Македонија, со кои оваа земја го менува своето име во Република Северна Македонија. Откако Договорот беше ратификуван во Собранието на Македонија, минатата недела беше ратификуван и во грчкиот Парламент, пишува Anadolu Agency (AA).
- Следни чекори по ратификацијата на Договорот -
Според предвидената процедура, следна постапка е грчката Влада да го информира Генералниот секретаријат на НАТО дека ја завршиле постапката, а потоа постојаните претставници на 29 земји членки на НАТО треба да го потпишат Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија, а тој треба да биде ратификуван и во парламентите на нивните земји.
Потоа, според најавите, Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој новите уставни амандмани влегуваат во сила, а Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи Спогодбата.

Во оваа фаза, обврските се префрлаат во Македонија.
Според Преспанскиот договор „веднаш по влегувањето во сила, земјава треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа Спогодба“.
Потоа, како што предвидува Договорот, треба да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат новото име, а истата постапка македонската Влада ќе ја спроведе и со сите држави членки на Обединетите нации.
Според наведеното, тоа би значело дека тогаш ќе почнат и официјално другите држави и организации да ѝ се обраќаат на земјава со Република Северна Македонија.
По официјалната промена на името следува отворање амбасади во Македонија и во Грција. Досегашните канцеларии за врски во главните градови на двете земји, во Скопје и во Атина, треба да прераснат во амбасади.
Според најавите на македонските официјални претставници, очекувањата се дека земјата до крајот на оваа година би требала да стане 30. членка на НАТО.