Şerife Çetin
26 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
АНКАРА (АА) - Организацијата на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ) која има за цел да ги зајакне каналите на комуникација и да ги одржува активни армиите на земјите од Балканот, Источна Европа и Јужен Кавказ, на 27 март ќе одржи состанок во Измир, јавува Anadolu Agency (AA).
По крајот на студената војна, на Балканот се појави безбедносна празнина, и за време на судирите и кризите кои е јавија, се јави потреба од одржување на отворени канали за комуникација, дијалог и соработка меѓу вооружените сили од подрачјето.
За тие потреби, САД и Турција во 1996 година ги започнаа своите интензивни активности за формирање на СЕДМ. Во 2000 година беше потпишан договорот за формирање.
СЕДМ го сочинуваат САД, Турција, Македонија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Украина, Романија, Грузија, Италија.
Минатата година беше прославена 20-годишнината од формирањето, а замениците на началниците на генералштабовите на армиите на земјите-членки се состануваат еднаш годишно во врска со воено-техничките работи.
Министерот за одбрана на Турција, Фикри Ишик, на состанокот на министрите за одбрана кој се одржа на 18 октомври 2016 година во Рим изјави дека СЕДМ од своето основање досега има постигнато голем напредок и станало пример со својот успех во регионалната соработка. Турскиот министер Ишик во таа пригода истакна дека СЕДМ е многу значаен посредник кој на Југоисточна Европа ѝ го овозможува развојот на соработката, стабилноста во регионот и добрососедството.
Од друга страна, она што го издвојува СЕДМ од останатите меѓународни организации е тоа што таа има воена моќ. Во 1998 година беше формирана Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), во која членуваат Турција, Македонија, Грција, Албанија, Италија, Романија.
Бригадата има флексибилна структура и се користи во рамките на мировните операции кои се спроведуваат под раководство на Обединетите нации (ОН), и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Европската Унија.
За таа цел, оваа бригада во 2006 година учествуваше во Авганистан, во рамките на Меѓународните безбедносни сили за поддршка (ИСАФ).
Членовите на бригадата одлуките ги донесуваат со гласање, а учеството во меѓународните иницијативи се изведува по барање.
Штабот на бригадата во грчкиот град Лариса се менува на 4-6 години.
- „СЕДМ ќе го сочува своето значење” -
Амбасадорот Левент Билген, кој е директор на СЕДМ, за АА изјави дека и покрај експанзијата на ЕУ и НАТО во подрачјето, СЕДМ од 1990 година досега продолжува да ги задоволува регионалните безбедносни потреби.
Директорот Левент Билген соопшти дека организацијата во регионот, кој се протега од Балканот до Кавказ, се занимава со различни активности околу безбедносните проблеми, од меѓународниот тероризам до криумчарењето луѓе.
„Организацијата овозможува националните армии во подрачјето да одржуваат отворени релации, подобрување на меѓусебните контакти и решавање на потенцијални безбедносни проблеми. Покрај тоа, се обезбедува безбедносна соработка и по други прашања од полето на одбраната. СЕДМ се обидува да создаде алтернатива во однос на другите организации. Но сите членки на СЕДМ не се членки на НАТО или ЕУ. Затоа, платформата СЕДМ, која ги здружува овие земји на едно место, го содржи значењето на механизам кој ја одржува соработката на земјите-членки.