Ivana Ramadanova
15 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денес одржа координациска средба со парламентарните политички партии, на која присуствуваа претставници на СДСМ и коалицијата, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА, освен ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Џафери беше запознаен со заклучоците од неформалната средба на преставниците на политичките партии што се одржа на 13 мај 2017 година.
Партиите се договорија дека од исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнувањето договор за донесување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во месец октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците.
Исто така, претседателот на Собранието, Џафери, беше известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување.
Тој истакна дека со цел да се овозможат услови за редовно работење на Собранието на Република Македонија, неопходно е да се почитува Деловникот на Собранието на РМ, и ги повика политичките партии што се застапени во Собранието, согласно член 33 од Деловникот на Собранието на РМ да го известат за формирање на пратеничките групи.
Џафери потенцираше дека очекува во краток рок партиите да постигнат договор за формирање на работните тела, со цел измените на Изборниот законик да бидат донесени согласно деловничките процедури.
Претседателот на Собранието и претставниците на политичките партии се согласија дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието на Република Македонија и дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да придонесат за продолжување на демократските процеси во Република Македонија.