БЕРЛИН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг тврди дека сега е потребно да се работи на смирување на тензиите на релацијата Анкара-Москва и на воспоставување механизми за да не се повторат случаите како што е неодамнешното соборување на рускиот авион кој го повредил турскиот воздушен простор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во изјава за германскиот весник "Welt am Sonntag" изрази загриженост поради се поинтензивните руски воени операции.
"Гледаме дека Русија во голема мерка го интензивира военото присуство од крајниот север до Медитеранот. Мораме да избегнеме и во тие региони (Скандинавија и Балтик) да не се повторат неочекуваните настани како што беше тој во Турција" , предупреди Столтенберг.
Нагласувајќи дека сите нации имаат право да ја бранат својата територијална целовитост, вклучувајќи го и воздушниот простор, Столтенберг рече дека Турција не може да се критикува што постапила во склад со тоа право и го соборила авионот кој ја нарушил нејзината граница.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Сирија, првиот човек на НАТО, Столтенберг рече дека е неприфатливо од сириската криза да се изродат ситуации како онаа во Украина и потсети на илегалната руска анексија на Крим .
Коментирајќи ја борбата против ДАЕШ, Столтенберг рече дека за таа борба не се доволни само воздушни напади, но дека и тие се важен сегмент во борбата за спречување на напредокот на таа терористичка организација.
"Јас сум против копнена интервенција во Сирија. Тоа не е предмет на расрпава во коалицијата за борба против ДАЕШ, ниту во НАТО. Не ни треба копнена интервенција, туку, потребни ни се локални сили како сојузници во таа борба. Муслиманите се во првите редови во таа борба и не можеме таа борба да ја водиме за нив" , порача Столтенберг.
Во вторник, на 24 ноември наутро, два авиони од типот Ф-16 на турските воздушни сили за време на патролната контрола во склад со правилникот за ангажирање го предупредија рускиот авион дека го крши турскиот воздушен простор, а потоа интервенираа. Русија соопшти дека соборениот авион кој паднал во сирискиот пограничен регион Бајирбуџак, недалеку од турскиот Хатај, и припаѓаше на нејзините воздушни сили. НАТО потоа ја потврди точноста на турските наводи дека рускиот авион го повредил турскиот воздушен простор.
Руските авиони и во почетокот на октомври го повредија турскиот воздушен простор. Руските функционери тогаш упатија извинување и ветија дека тоа нема да се повтори. Турција тогаш го повтори ставот дека во склад со правилникот за ангажирање на воздушните сили, воено ќе одговори на повредата на нејзиниот воздушен простор.
news_share_descriptionsubscription_contact
