СИТВЕ (АА) - Араканските муслимани, кои се изложени на нов бран насилства и напади од страна на војската на Мјанмар, деновите ги минуваат во многу тешки животни услови, обидувајќи се да преживеат и да стигнат до безбедна територија, овојпат Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипата на АА успеа да влезе во едно од селата на Рохинџа муслиманите во близина на градот Ситве, и да ги сними условите во кои живеат овие луѓе.
Будистичката власт, под изговор дека тоа го прави од безбедносни причини, ги огради селата и им забрани на жителите на селата да излегуваат, дури и до најблиското соседно село.
Овие селани се во одреден вид на „отворен затвор”, а многумина од нив за сето време не успеале да видат ништо друго освен она што се наоѓа во рамките на просторот кој е ограден.

За поголем дел од прекршувањата на правилата се изрекува смртна казна. Според законот од 1982 година, донесен од будистичката власт, араканските муслимани го губат правото на државјанство и се водат како луѓе без држава.
Според тој закон, одземено им е правото на образование, здравство и основни човечки права кои ги имаат граѓаните на една држава. Живеат во села без струја, вода и без канализација.
Поради недостатокот на канализациска мрежа, улиците се нечисти, а има проблеми и со водата за пиење. Тоа се причини поради кои овие подрачја се подложни на епидемии на тифус, дизентерија, жолтица и колера. Децата се најизложени на овие болести. Проблеми предизвикуваат и монсунските дождови.

Во селото живее и 75-годишниот Абдула Хасан, кој последната лична карта ја добил во 1982 година. Веќе 35 години живее без лични документи.
Хасан порача дека посакува да заврши таквата ситуација.
Крај на тешкиот живот посакува и Мемоје Адил. Тој изјави дека се честа цел на нападите на војниците и на будистите, додавајќи дека го има чувството дека е постојано во животна опасност.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), над 27.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш, а уште околу 20.000 чекаат на граница.
Оние кои ја преминаа границата на Бангладеш претстојуваат во добри услови, додека оние кои чекаат на границата, сѐ уште се изложени на насилства и напади.
Многу организации за заштита на човековите права, меѓу кои и Amnesty international (Амнести интернешнл), масакрите во Аракан ги окарактеризираа како геноцид, а изјави на осуда пристигнаа од сите делови на светот.
Портпаролката на Европскиот совет за Рохинџа муслиманите, Анита Шуг, во понеделникот изјави дека мјанмарската војска во тридневните напади во Аракан убила измеѓу 2.000 и 3.000 муслимани.
Според официјалните податоци и извештаи на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозеното малцинство во светот. Тие немаат држава, а правата им се значително ограничени. Во исто време оваа популација е жртва на насилства, но и жртва на правна, економска и социјална дискриминација.
news_share_descriptionsubscription_contact
