Hakan Çopur
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп денес потпиша ревидирана уредба во однос на мигрантите од која се изземени државјаните на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Да потсетиме, претходната одлука на Трамп за забрана на патување во САД за граѓаните на седум, мнозински муслимански земји, беше отфрлена од страна на американскиот суд.
На листата земји чии државјани 90 дена нема да бидат во можност да патуваат во САД останаа Иран, Либија, Сирија, Сомалија, Судан и Јемен.
Ирак, наводно, е отстранет од листата бидејќи ирачката влада воведе дополнителни мерки за контрола на имиграциските процедури, како и поради заедничката борба против ДЕАШ.
Новата извршна наредба нема да опфати ниту десетина илјади постојани жители на САД, сопственици на зелена карта, од наведените земји.
Извршната уредба од 27 јануари забрани влез во САД на државјани од седум земји со муслиманско мнозинство во период од 90 дена, на бегалците 120 дена, а на сириските бегалци трајно.
Поедини американски медиуми пишуваат дека Трамп се одлучил за новата верзија на уредбата бидејќи смета дека така полесно ќе ја брани на суд.