ИСТАНБУЛ (АА) – Турската хуманитарна фондација за човекови права и слободи (ИХХ), во соработка со Хуманитарната организација Катар (РАФ) и Министерството за социјална политика и семејство на Турција, изградија „Центар деца-сираци“, во кој ќе престојуваат 990 деца сираци од Сирија. Центарот се наоѓа во местото Рејханли, во областа Хатај, Турција, а се протега на површина од 100.000 квадратни метри (100 декари). Овој објект ќе биде отворен на 18 мај, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради граѓанската војна во Сирија којашто трае веќе 6 години, повеќе од 1 милион деца останаа сираци. Овие сираци, покрај тоа што се жртва на трговците со луѓе и мафијата со човечки органи, истовремено се лишени од заслужената љубов и внимание.
Оние што се свесни за опасностите на кои се изложени овие деца, како што се ИХХ и РАФ, со цел барем малку да им ја намалат болката на сирачињата, во Рејханли реализираа голем проект наречен „Центар за деца-сираци“, во кој со цел да ја добијат потребната психолошка поддршка, 990 сиријски сираци ќе бидат згрижени, школувани, ќе имаат своја здравствена заштита, ќе бидат рехабилитирани и ќе им бидат задоволени сите потреби во вид на храна и облека како во домашни услови.
Во рамките на протоколот кој беше спроведен заедно со Министерството за социјални работи и семејство, на 2 јули 2015 година беше поставен камен-темелникот на овој центар, кој е со големина на едно село. Центарот за живеење на децата-сираци, кој е специјално дизајниран за задоволување на нивните потреби. Има 35 куќи за момчиња и 20 куќи за девојчиња. Секоја од куќите е изградена како двокатна вила, со вкупна површина од 350 квадратни метри, во која комотно можат да живеат 18 деца. Во горниот кат се наоѓаат спалните соби, тоалетите и туш-кабините, додека во приземјето има кујна, трпезарија, работна соба, соба за учење, соба за играње, фонтана и тоалет.
Трпезариите во вилите се дизајнирани така што надвор од времето за јадење, можат да се користат како работни соби. На тој начин, секое дете во куќата во која јаде, ќе има можност да учествува во социјални активности и да ја пишува домашната работа.
Покрај станбените објекти, во овој комплекс се наоѓа и зградата за услуги, три училишта во кои ќе биде изведувана настава на ниво на основно и средно училиште, голем рехабилитациски центар, поликлиника, централен објект за состаноци и презентации, спортска сала и игралиште, социјална установа, објект во кој ќе биде сместен персоналот, објект за гости, културен центар во кој децата ќе можат да ги презентираат своите способности, зграда за средба со семејствата, џамија, детски паркови, области за садење и огледување, области за рекреација и зоолошка градина.
- „Оваа војна најмногу ги погоди децата“ -
Претседателот на одделот за сираци на ИХХ, Мурат Јилмаз, за АА изјави дека по започнувањето на војната, ИХХ отпочнала важни проекти за сираците од Сирија и за оние што се наоѓаат во Турција и нивните семејства.
Јилмаз истакна дека треба да им се посвети особено внимание на децата-сираци:
„Оваа војна најмногу ги погоди децата. Огромна е психолошката траума што војната ја создаде кај децата. Таа состојба беше причина кај нас да се создаде идејата за формирање центар за децата-сираци. Тоа е центар создаден за сираците од војната, кој е најголем таков центар во светот. Вредноста на овој центар е околу 20 милиони евра. Избравме да го изградиме центарот на три километри од Сирија. Во овие вили коишто се изградени како домови на љубовта, сѐ е дизајнирано според возраста на децата кои ќе престојуваат во нив. Децата на возраст од 6 до 12 години, во кампот ќе бидат сместени во различни куќи, според полот и возраста. При изградбата на кампот, како пример ги зедовме куќите на љубов на Министерстото за социјална политика и семејство“.
Јилмаз информираше дека центарот е со големина на едно село. „Ова е најголемиот центар во светот во кој се згрижени децата-сираци од војната. Обезбедена е терапија за децата кои ги изгубиле родителите во војната. Тие во себе носат многу големо бреме. Во оваа средина децата ќе бидат лекувани. Ќе се обидеме, колку што е тоа возможно, да ги научиме на животот. На децата ќе им се даваат и средства за трошоци. Ќе можат во супермаркетите во центарот да ги задоволуваат своите секојдневни потреби, дури и самите да одат на бербер“, додаде тој.
- „330 членови на персоналот ќе се грижат за 55 куќи“ -
Јилмаз истакна дека катарската организација РАФ во потполност ги изградила сите куќи за момчиња и 5 куќи за девојчиња. Тој додаде дека поддршка за овој проект добиле од Малезија, Индонезија, Велика Британија, Јужна Африка и од неколку невладини организации од Велика Британија, додека Полска ја преземала целосната изградба на една куќа во центарот.
Околу работата на Центарот за живеење на децата-сираци, Јилмаз ги даде следните податоци:
„Во секоја куќа ќе бидат задолжени 6 помошници. Во центарот ќе работат експерти во своите области, мажи и жени кои се обучени и поседуваат сертификати. Во 55 куќи ќе има вкупно 330 членови на персоналот. Министерството за образование ќе биде одговорно за опремата во училиштата, од паметни табли до епрувети за експерименти, за правата на наставниците и нивните приходи. И Министерството за социјална работа и семејство ќе биде биде вклучено во проектот. Посакуваме заедно да го спроведеме проектот. Министерството за здравство ќе даде свој значаен придонес на поликлиниките“.
Јилмаз изјави дека комплексот ќе биде опремен со камери и ќе има обезбедување што 24 часа ќе се грижи за безбедноста на децата.
Тој нагласи дека месечните трошоци за оддржување на комплексот ќе изнесуваат околу 380.000 евра, средства кои ќе бидат обезбедени од донатори, невладини организации и од Владата на Турција.
news_share_descriptionsubscription_contact
