Kemal Karadağ
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Во рамките на офанзивата "Штитот на Еуфрат", турските воздухопловни сили во последните 24 часа уништија 17 објекти, кои терористите на ДЕАШ ги користеле како командни позиции, засолништа и складишта за оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Операцијата "Штитот на Еуфрат" започна на 24 август во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализира заканата од тероризмот, со акцент на ДЕАШ, како и за зајакнување на безбедноста во сириско-турската погранична зона. Офанзивата се изведува од страна на сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право за самоодбрана ги поддржуваат и турските сили, како и меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ.
Генералштабот на турската војска соопшти дека во офанзивата "Штитот на Еуфрат" во 131. ден, продолжува копнената и воздушната акција за ослободување на градот Ал Баб.
Врз основа на разузнавачките информации, првин се лоцирани, а потоа во последните 24 часа со артилериски и воздушни напади се погодени вкупно 166 позиции на ДЕАШ.
Авионите на турските воздухопловни сили уништија 17 објекти на ДЕАШ во Ал Баб, Бзагах, Суфланијах и Шамавијах.
Во судирите претходните денови беа ранети тројца членови на опозициските сили во Сирија, а беа убиени најмалку 24 терористи на ДЕАШ.
Од почетокот на операцијата "Штитот на Еуфрат" до сега од терористите на ДЕАШ се ослободени многу населени места во северената гранична област на Сирија, на површина од над 2.000 квадратни километри.