Ertuğrul Subaşı
20 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Турските воздухопловни сили започнаа жестоки напади врз упориштата на терористичката организација ПКК во регионот Зап во северниот дел на Ирак, а според првичните информации во нападот се убиени најмалку 11 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската армија соопшти дека турските авиони рано утринава извршиле напади врз основа на разузнавачки информации за присуството на терористички елементи во ирачкиот регион Зап.
Во нападот е уништен влезот на пештера во планински венец, а пред ова скривалиште убиени се најмалку 11 терористи.
Планинскиот појас Зер Тепе, потоа Метина, Зап и Кандил во северен Ирак се сметаат за главни бази на сепаратистичката терористичка организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и Европската Унија. Тоа подрачје го користат терористите поради поволната конфигурација на теренот за терористички активности и кампови, и поради длабоката политичка и безбедносна криза која е присутна во Ирак.
Покрај Турција и Ирак, ПКК е присутна и во северниот дел на Сирија, каде што делува преку својот огранок ПЈД/ЈПГ.
Станува збор за организација којашто својата воена кампања против Турција ја интензивираше во јули 2015 година, а досега во тие напади загинаа најмалку 1.200 цивили и припадници на турските безбедносни сили. Турските безбедносни сили спроведуваат опсежни операции против терористичките елементи во југоисточниот дел на земјата и во северен Ирак.