Ebru Şengül
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
АНТАЛИЈА (АА) - Првиот турски брод за подводно дупчење „Фатих“, денес започна со спроведувањето на своето прво длабоко дупчење во близина на брегот на Анталија, на медитеранското крајбрежје, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на свечената церемонија, турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, истакна дека Турција ќе спроведува длабинско дупчење со свое сопствено пловило во дупнатината Аланија-1, како дел од напорите за искористување на своите домашни ресурси.

„Наша цел е да отвораме во просек по две дупнатини годишно со бродот „Фатих““, изјави Донмез, додавајќи дека првото дупчење во Аланија-1 е планирано за период од речиси 150 дена.
Турција веќе спроведува истражувања за нафта и природен гас со два брода за сеизмички истражувања.

Првиот турски брод за сеизмички истражувања „Барбарос Хајретин Паша“, кој беше купен од Норвешка во 2013 година, спроведува истражувања во Средоземното Море од април 2017 година.
Вториот турски брод „МТА Оруч Реис“, направен во јуни од страна на турските инженери на бродоградилиште во Истанбул, ги презема активностите во Црното Море.
Во меѓувреме, бродот „Фатих“, претходно „Deepsea Metro II“, пристигна во градот Анталија во јуни, во рамките на подготовките за почеток на проектот за првото длабинско дупчење на Турција во регионот.
Донмез нагласи дека со бродот „Фатих“ за следниот месец планирани се и други активности за плитко дупчење во Мерсин, јужна Турција, додавајќи дека Турција ќе купи и втор брод за дупчење, со цел да ги интензивира истражувањата.

На 18 октомври, турската морнарица ја сопре грчката фрегата која се обиде да се вмеша во истражувањата на бродот „Барбарос Хајредин Паша“.
Инцидентот резултираше со итен одговор од турските власти, кои ја предупредија Грција да не презема никакви активности во Средоземното Море кои ќе предизвикаат тензии во регионот.
„Нема ризици по безбедноста [во однос на бродот], меѓутоа, доколку се случат одредени вознемирувања, нашите поморски сили ќе го преземат потребното“, рече Донмез.

Истакнувајќи дека Турција нема намера да ги зема ресурсите на друга земја од Медитеранот, Донмез нагласи дека единствената цел е да се обезбедат ресурсите под суверенитет на Турција како гарант на своите турски граѓани и на кипарските Турци на островот Кипар.
Турција е континуирано против активностите на администрацијата на кипарските Грци поради едностраните дупчења во источниот Медитеран, истакнувајќи дека кипарските Турци, исто така, имаат право на ресурсите во таа област.