АНКАРА (АА) - Во заедничката декларација издадена денес, по трилатералниот самит во Анкара, претседателите на Турција, Русија и Иран ја истакнаа нивната заедничка решителност да се спротивстават на сепаратизмот и користењето на тероризмот како изговор за промена во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во заедничката декларација објавена по Самитот, кој меѓу лидерите на трите земји траеше речиси два часа зад затворени врати, се истакнува дека лидерите ги отфрлиле сите обиди за создавање нов тек на настаните на теренот, под изговор на борба против тероризмот.
Тие ја нагласија својата силна и постојана посветеност кон суверенитетот, независноста, единството, територијалниот интегритет и не-секташкиот карактер на Сирија.
Во декларацијата се додава дека тројцата лидери ја изразиле својата решителност да застанат против сепаратистичките агенди со цел поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија како и националната безбедност на соседните земји.
- Поддршка за Сиријците за креирање нов устав -
Лидерите го изразија своето уверување дека не може да постои воено решение за сирискиот конфликт и дека конфликтот може да се реши само преку политички процес за кој ќе се преговара.
Тие ја изразија својата посветеност да ги следат резултатите на Конгресот, како одраз на волјата на претставниците на сите сегменти на сириското општество, особено договорот за формирање на Уставен комитет, поддржан од генералниот секретар на ОН и меѓународната заедница.
Лидерите на Турција, Русија и Иран ја потврдија потребата да им се помогне на Сиријците во враќањето на единството на нивната земја и постигнување политичко решение на тековниот конфликт преку инклузивен, слободен, фер и транспарентен процес, предводен од Сирија, кој се заснова на слободната волја на сирискиот народ и кој води кон устав кој има поддршка од сирискиот народ, како и слободни и фер избори со учество на сите Сиријци под соодветен надзор на ОН.
Во декларацијата нагласено е дека процесот во Астана бил единствена ефективна меѓународна иницијатива која помогнала во намалување на насилството ширум Сирија и имал придонес за мир и стабилност во Сирија, давајќи поттик за процесот во Женева со цел пронаоѓање на долготрајно политичко решение за сирискиот конфликт.
Претседателите, исто така, ја потврдија својата решителност да продолжат со активната соработка за Сирија во однос на постигнување траен прекин на огнот меѓу завојуваните страни и унапредување на политичкиот процес како што е предвидено со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност при ОН.
- Борба против тероризмот -
Трите земји ќе продолжат со соработката со цел конечно елиминирање на ДЕАШ, фронтот Ал-Нусра и сите други поединци, групи и елементи поврзани со Ал-Каеда или ДЕАШ, се вели во декларацијата.
Тројцата лидери нагласија дека во борбата против тероризмот, одвојувањето на терористичките групи од вооружените опозициски групи кои се приклучиле или ќе се приклучат кон прекинот на огнот, е од најголема важност за спречување на цивилните жртви.
- Ветување за заштита на цивилите и овозможување достава на хуманитарна помош -
Лидерите, исто така, ја нагласија својата посветеност за интензивирање на напорите со цел обезбедување мир на теренот и заштита на цивилите во зоните без судири, како и обезбедување на брз, безбеден и непречен пристап на хуманитарна помош во тие области.
Тие истакнаа дека создавањето на зони без судири е привремено, како што е предвидено со меморандумот од мај 2017 година.
„Тие ја повикаа меѓународната заедница, особено ОН и нејзините хуманитарни агенции, да ја зголемат својата помош во Сирија со испраќање додатна хуманитарна помош, олеснување на акциите за деминирање, обнова на основната инфраструктура, вклучувајќи социјални и економски објекти како и зачувување на историското наследство“, се вели во заедничката декларација по Самитот.
Во неа е вметнат и развојот на настаните во Сирија од нивниот претходен состанок, минатиот ноември во Сочи.
Првиот трилатерален самит на претседателите на трите земји беше одржан на 22 ноември минатата година во Сочи, а денес, вториот таков состанок се одржа денес во Претседателската палата во Анкара.
Една од одлуките кои беа донесени на самитот е следниот трилатерален самит да се одржи во Иран, на иницијатива на иранскиот претседател Хасан Рохани.
news_share_descriptionsubscription_contact
