Satuk Buğra Kutlugün
13 Ноември 2016•Ажурирај: 14 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Турција денес соопшти дека 310 припадници на поморските сили се разрешени од функција во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО, кои се интензивирани по неуспешниот обид со воен удар да ја собори легитимната и легална власт во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана на Турција на Твитер соопшти дека од функција се суспендирани 168 службеници на морнарицата и 123 подофицери.
Во соопштението се наведува дека освен нив, отпуштени се 15 офицери и четири подофицери.
Терористичката организација ФЕТО, чиј водач е Фетула Ѓулен, со инфилтрирање на членството во сите институции на турската држава веќе неколку години работи на рушење на легитимната и на легалната власт во таа земја, последниот конкретен чин на таа организација се случи на 15 јули, кога припадниците на турската војска лојални на Ѓулен се обидоа да извршат воен удар, при што беа спречени од страна на народот кој излезе на улиците и од страна на полицијата.
По задушувањето на обидот за државен удар надлежните истражни и правосудни институции на Турција започнаа процес за елиминирање на инфилтрираните терористички елементи од јавната служба, а во рамките на тоа од должност се разрешени голем број државни службеници.