Besar Ademi
03 Февруари 2016•Ажурирај: 04 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - На состанокот одржан во Скопје меѓу Канцелариите за јавна безбедност на Македонија, Австрија, Хрватска, Словенија и Србија, шефовите на полициите на земјите од Западен Балкан, констатираа дека сега повеќе од било кога претходно е потребно помирување и заедничка координација од сите транзитни места на Западниот Балкан во однос на движењето на бегалците, со цел да се справат со сегашната бегалска криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Бирото за јавна безбедност Горанчо Славовски на прес конференција по состанокот информираше дека беше утврдена неопходноста за стандардизација на регистрација на мигрантите долж рутата и воспоставување јасни и заеднички критериуми.
''За таа цел е неопходно да се усогласиме за стандардите на регистрациските методи и постапки. Тоа вклучува подготовка на стандардни документи кои треба да се издаваат од сите засегнати страни долж западно-балканската рута. Регистрираните мигранти да се складираат во националните бази и да се врши навремена размена на тие податоци'' нагласи Савовски.
Еден од клучните чекори што лидерите на полицијата од Западен Балкан се согласија e стандардизaција на регистрација на бегалците. Според директорот Савовски потребно е усогласување на стандардите, методите и процедурите на регистрација. Тој истакна дека на луѓето кои не поседуваат документи за патување, ги имаат фалсификувани или личните податоци им се неточни, нема да им биде дозволено да го користат овој транзитен пат.
''На денешниот состанок заеднички констатиравме дека распоредувањето на странските полициски службеници на нашата јужна граница спрема Република Грција дава позитивни резултати и во иднина ќе продолжи'' рече Савовски и додаде дека оваа регионална иницијатива останува отворена за приклучување на полициските службеници и од другите земји кои што се засегнати од овие миграциски текови.
Од другата страна Заменикот директор на австриската полиција генерал Франц Ланг рече дека е неопходно да се работи заеднички за намалување на приливот на луѓе кои имаат мали или никакви шанси да добијат право на азил.
"Изминатите пет месеци транзитирале околу 780 илјади лица, а во последните 13 месеци има речиси 100 илјади баратели на азил во Австрија. Нашите власти минатата недела донесоа одлука за намалување на квотата на азиланти на 37.500 лица" рече Франц Ланг, додавајќи дека моментално Австрија е втора најмногу засегната земја во Европа. Шведска има 16 баратели на азил на илјада жители, Австрија околу десет, а Германија околу седум, појасни тој.
Според него, крајно време е да се утврдат заедничките стандарди за регистрација на мигрантите со цел размена на тие податоци. Тој ги поздрави напорите на Македонија и најави дополнителна поддршка во опрема, техника и персонал за следните чекори.