Ivana Ramadanova
19 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Црвениот крст на Република Македонија на денешната пресконференција соопшти дека до вчера се собрани 31.570.576 денари на сметката на Фондот за солидарност и 3.069.400 денари со повик на телефоните, јавува Anadolu Agency (AA).
Според генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити, акцијата за собирање средства за настраданото население во поплавите во скопскиот регион ќе трае до 22 август, по што ќе се направи анализа на динамиката на уплатите. Тој додаде дека ќе се оцени дали акцијата ќе продолжи понатаму или ќе се направи пресек и ќе се пристапи кон доделување на средствата на семејствата од загрозените подрачја.
„Значи, правиме разлика од компензација. Ние даваме помош на населението. Тоа ќе се направи откога ќе бидат достапни списоците од направената процена за претрпената штета. Мораме да имаме инструмент или момент од кој ќе се тргне за да се направи дистрибуцијата. Не можете во една ситуација кога сѐ уште не знаеме колкав е бројот на семејствата што се погодени од поплавите да вршиме поделба на средствата“, потенцира Саити.
Тој нагласи дека досега се дистрибуирани 28.250 пакети со храна (еден пакет е наменет за 4 лица), 21.000 дневни оброци, 9.700 топли оброци, 1.948 конзервирана храна, 17.619 литри млеко, 15.422 литри јогурт, 4.538 пакети со хигиена, 683 бебешки пакети, 265 тони вода, 746 пакети пелени, 556 душека, 4.392 ќебиња, 600 килограми облека, 734 пара чизми, 332 литри дезинтал, градежни колички 98, лопати 126, маски 1.036. Направени се 156 интервенции по прва помош од страна на екипите на Црвениот крст.
Од Црвениот крст на РМ апелираат да се донира: конзервирана храна, бебешка храна и пелени, средства за хигиена, средства за дезинфекција, лопати, гумени чизми, кофи, гумени ракавици, крпи, пелени за возрасни, пластични ќеси за ѓубре. Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток и во ОУ „Наум Наумовски-Борче“ – Скопје, од 8 до 18 часот.