Bekim Laci
21 Јануари 2019•Ажурирај: 22 Јануари 2019
СКОПЈЕ (AA) - Шефот на Бирото на националната гарда на Соединетите Американски Држави (САД), Џозеф Ленгиел, кој престојува во официјална посета на Македонија, изјави дека високите американски воени лидери се свесни за постојаното зголемување на воените капацитети на Македонија, чии воени иницијативи ја зголемуваат стабилноста и безбедноста на регионот, јавува Anadolu Анадолу (АА).
Шекеринска: „Недели нè делат од членството во НАТО“
Коментарите, американскиот воен претставник ги изнесе на заедничката прес-конференција со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, каде што, меѓу другото, истакна дека двете земји сега ја одбележуваат 25-годишнината од воената соработка, во која многу американски војници спроведоа обука во Македонија на полигонот Криволак.
„Оттука“, рече Ленгил, „Армијата на САД ја поддржува Македонија за полноправно членство во НАТО и во ЕУ и ги поддржува напорите за реформа на судството, зајакнување на демократските институции, борба против корупцијата и усвојување на уставните измени во согласност со Преспанскиот договор“.
„Членовите на нашите национални гарди се обучуваат и распоредуваат заедно со вашите војници, за што сме многу благодарни за вашиот драгоцен придонес како иден партнер во НАТО. Со нетрпение очекуваме да ја поздравиме вашата земја како најнов член на НАТО во блиска иднина“, рече Ленгил.
Тој додаде дека САД и нивните земји партнери ги поддржуваат напорите на државите да го отворат патот што води кон просперитет и безбедност за народот, кои, како што рече, се овозможуваат од страна на Државната програма за партнерство.
Министерката Шекеринска, од своја страна, рече дека 25-годишното партнерство со САД во областа на одбраната направи македонската Армија да добие многу знаење и професионализам. Таа додаде дека земјата заслужува членство во НАТО, бидејќи сведочеше дека знае како да ги реши и да не ги замрзне проблемите што ги има, со посебен акцент на Договорот со Грција.
„Оваа година нѐ очекува заедничката вежба „Одлучувачки удар“ кога во Македонија ќе пристигнат над илјада војници од 56. Бригада на Пенсилванија на заедничка обука со војниците на нашата Првата механизирана бригада. Нашата билатерална соработка, која трае 25 години, и минатата и оваа година ќе ја подигнеме на повисоко ниво, и затоа сме задоволни што овие денови можеме да бидеме домаќини на генералот Лангиел“, рече Шекеринска.
Во рамките на неговиот престој во Скопје, шефот на Бирото на националната гарда на САД, Џозеф Ленгиел, по средбата со министерката Шекеринска беше пречекан на средба и од страна на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ), Васко Ѓурчиновски.