Ekipa
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека ќе работи на тоа граѓаните на Турција да имаат повеќе работа, да бидат среќни и безбедни, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим, на доделувањето на наградите за невладини организации на годината, истакна дека во активностите на невладините организации никогаш не треба да има место за идеолошки пристап.
Турскиот премиер, кој е и претседател на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), додаде дека треба да се работи уште многу за развој и раст на Турција.
Тој потсети и на состојбата во соседните земји на Турција.
„Имаме историска одговорност. Ние сме значаен елемент за безбедноста на ова подрачје. Околу нас имаме огнен обрач. Во Сирија веќе шест години нема држава, а во Ирак нема авторитет. Сета цена која се раѓа тука ја плаќа Турција”, потсети Јилдирим.
Тој додаде дека Турција зад себе оставила 11 референдуми и избори.
„На секој од нив народот го виде стореното, процени и го направи потребното. Нема што да му приговараме на народот. А дури по 15 јули, единствено нешто што доликува е да се симне капа пред народот”, истакна Јилдирим.
Тој нагласи дека народот ја заштитил Турција и дека деноноќно ќе работи за народот, ќе отвора додатни работни места.
Јилдирим појасни дека во Парламентот се подготвени темелите на пакетот уставни промени, но не е направен Уставот.
Тој се осврна на наводите на претседателот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, и додаде дека претходно му кажал оти знае дека тие се против претседателскиот систем и предложи ЏХП да го даде својот предлог.
„Реков: Дајте предлог, ќе дадеме предлог. Да гласаме и да му предложиме на народот. Ќе биде она што народот го сака. Не сакаат ни така. Кажете што да правиме, ако не го прифаќате нашиот, дадете свој прелог”, порача Јилдирим.
Тој истакна дека една од најважните задачи на невладините организации е да се обезбеди единство на полето на делување и да не се игнорираат проблемите во државата и да се оставаат на идните генерации.
Јилдирим изјави дека доколку не биде воведен претседателскиот систем, во Турција ќе остане посложениот систем.
„Од една страна, постои јак парламентарен систем, од друга страна, претседател кој е директно избран од народот. Не може. На еден стол не може да бидат двајца капетани, треба да биде еден. Личностите се минливи, она што е важно е татковината”, изјави Јилдирим.