İlhan Toprak
17 Септември 2016•Ажурирано: 18 Септември 2016
ДОГУБАЈАЗИТ (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим изјави дека е јасно дека истите кругови се обидуваат, како Ирак и Сирија, и во Турција да ја уништат државата и единството на нацијата, и порача дека налогодавачите и извршителите на таквите планови се прелажале и дека државата и народот на Турција тоа никогаш нема да го дозволат, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот премиер Јилдирим денес го посети семејството на убиениот припадник на турските безбедносни сили во нападот на терористите на ПКК во селото Ѓокчебулак на планината Тендурек во областа Догубајазит на крајниот источен дел на Турција.
Во таа прилика Јилдирим им порача на терористичките организации дека ќе бидат уништени на подрачјето на Турција, без оглед на тоа колку и да се трудат да ја загрозат стабилноста на таа земја.
Истакнувајќи дека терористите на ПКК се кријат зад наводните борби за правата на Курдите во регионот, турскиот премиер Јилдирим јасно порача дека тоа е измама и дека всушност Курдите се најголеми жртви на терористичките активности на ПКК.
„Тука нема поделба на Турци, Курди и други. Тука е една нација. Сакаат во соработка со странските сили и тука да направат хаос како во Ирак и Сирија. Меѓутоа, заборавија едно, ова не е Сирија, ниту Ирак, ова е Анадолија”, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим и додаде дека на терористите и предавниците нема да им биде дозволен успех во Турција.
Шефот на турската влада, Јилдирим, се обрати на насобраните граѓани и им рече дека терористите ништо добро не знаат да прават, туку само пролеваат крв на невини луѓе, но и порача дека наскоро ќе им дојде крај во Турција.
„ Заеднички ќе ги поразиме терористите и ќе го оправдаме аманетот кои ни го оставија нашите маченици. Нашите девет маченици неодамна тука ги дадоа своите животи во одбрана на оваа земја и сите ќе им ги дадеме нашите животи доколку е потребно. Но, никогаш нашата древна земја нема да ја предадеме во рацете на предавниците и терористите”, порача Јилдирим.
Истакнувајќи дека за време на посетата во неколку села видел лоши патишта и многу инфраструктурни проблеми, премиерот Јидлирим изјави дека им наредил на надлежните служби, вклучувајќи го и гувернерот на покраината Агри, дека во пократок рок ќе започнат проектите за изградба на патни и водоводни мрежи во регионот.