Ekipa
27 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
РИЈАД (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, за време на посетата на Ријад изјави дека Саудиска Арабија и Турција се клучните земји за воспоставување на одржлив мир и стабилност во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Саудиска Арабија и Турција се клучните земји за воспоставување долгорочен одржлив мир и стабилност во регионот. Во тој контекст, важно е, како за Турција така и за Саудиска Арабија, двете земји да соработуваат во сите области со цел постигнување регионален и глобален мир", рече Јилдирим.
Премиерот на Турција, за време на посетата на Саудиска Арабија се сретна со саудискиот крал Селман бин Абдулазиз и со министерот за одбрана, Мухамед бин Селман.
Тој посочи дека со саудиските претставници разговарал за билатералните односи, како и за сите регионални прашања, вклучувајќи го развојот на настаните во Ирак, Сирија, Палестина и во Јемен.
„Разговаравме во детали за тоа како нашите билатерални односи може дополнително да се унапредат, како и за новите можности за зајакнување на соработката. Посебно разговаравме за интензивирање на трговијата и започнување заеднички проекти во одбранбената индустрија. Можам да ви кажам дека во 90 отсто од прашањата, поврзани со нашите ставови како и решенија за одредени прашања, имаме заедничко мислење“, рече Јилдирим.
На крајот, тој посочи дека саудискиот принц Селман наскоро ќе ја посети Турција.
Јилдирим во рамките на официјалната посета на Саудиска Арабија утрово пристигна во Ријад.
Во придружба на Јилдирим во Ријад пристигнаа и вицепремиерот Хакан Чавушоглу, министерот за труд и социјална сигурност Жулиде Сариероглу и министерот за здравство, Ахмет Демирџан.