Ekipa
14 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ДЕТРОИТ (АА) - „Fiat Chrysler“ (Фиат крајслер) повлекува повеќе од 1,3 милиони возила од целиот свет за да го поправи дефектот на алтернаторот или проблемот со електричните водови кој може да доведе до неочекувано активирање на воздушните перничиња, јавува Anadolu Agency (AA).
Повлекувањето на возилата е поради дефект во електричните водови и опфаќа речиси 771.000 модели на „Dodge Journey“ и „Fiat Freemont SUV“ произведени од 2011 до 2015 година. Во соопштението од кoмпанијата се вели дека жиците можат да се оштетат од украсот на воланот и да предизвикаат краток спој. Од компанијата „Fiat Chrysler“ наведуваат дека се регистрирани пет случаи на полесни повреди поради тој проблем.
Дилерите на „FC“ ќе направат изолација на жиците или ќе ги заменат доколку е потребно.
Со повлекувањето поради алтернаторот се опфатени речиси 566.000 возила на „Chrysler 300s“, „Dodge Challenger“ и „Dodge Charger, како и „Durango SUV“ произведени од 2011 до 2014 година. Исто така, опфатени се и возилата „Jeep Grand Cherokee“ од 2012 до 2014 година.
Алтернаторите можат прерано да се потрошат, што може да доведе до застој на моторот и други проблеми со кочниците кои спречуваат блокада на тркалата и со електронската контрола на стабилноста.