Kanyshai Butun
02 Октомври 2026•Ажурирано: 02 Октомври 2026
Киргистан синоќа го лансираше својот прв сателит во орбитата со ракетата Фалкон 9 на СпејсИкс, која полета од американска територија, пренесува Анадолу.
Според прес-службата на киргистанското Претседателство, сателитот е поставен во орбитата од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, како дел од група вселенски летала лансирани од истата ракета.
Мисијата е заедничка соработка меѓу Киргистан и Обединетите Арапски Емирати, а операциите ќе се управуваат од контролен центар во киргистанскиот град Бишкек.
Киргистанскиот претседател Садир Жапаров присуствуваше на церемонијата на лансирање за време на работната посета на Соединетите Американски Држави.
Лансирањето отвора нови можности за Киргистан да користи вселенски податоци во различни сектори, вклучително и следење на земјоделското земјиште, глечерите, водните површини, шумите и пасиштата, како и следење на промените во природните екосистеми, се наведува во соопштението.
Сателитските податоци ќе се користат и за откривање на нелегална екстракција на природни ресурси, неовластени депонии и други извори на загадување, како и за оптимизирање на логистичките маршрути.
„Сателитските технологии ќе бидат особено значајни за следење и рано откривање на природни опасности“, се истакнува во соопштението, при што се додава дека податоците би можеле да помогнат во побрзо идентификување на знаци на суши, поплави, лизгање на земјиштето и шумски пожари, овозможувајќи навремени одговори и ублажување на потенцијалните штети.
Во иднина сателитските податоци ќе бидат интегрирани со владините дигитални системи за креирање просторни мапи и аналитички модели, се наведува во соопштението. Податоците ќе го поддржат донесувањето одлуки на владата, планирањето на инвестициите и следењето на државните програми.
„Употребата на сателитски податоци во комбинација со можностите на суперкомпјутерските технологии ќе создаде основа за попрецизно и поефикасно управување со економските и природните ресурси на Киргистан“, се додава во соопштението.