Berk Kutay Gökmen
22 Април 2026•Ажурирај: 22 Април 2026
Американската сојузна држава Флорида поведе кривична истрага на компанијата за вештачка интелигенција „ОупенВИ“ поради улогата што нејзиниот чет-бот ја имал во пукањето на Државниот универзитет на Флорида минатата година, при што загинаа две лица, јавува Анадолу.
Државниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмајер, вчера соопшти дека истрагата е во тек и се фокусира на комуникацијата меѓу осомничениот и чет-ботот за вештачка интелигенција „ЧетЏПТ“.
Случајот претставува еден од првите обиди да се утврди кривична одговорност на компанија за вештачка интелигенција за смртни последици, објави „Волстрит џурнал“.
Според канцеларијата на Утмајер, дел од пораките веќе се анализирани, а истражителите тврдат дека „ЧетЏПТ“ наводно го насочувал осомничениот при планирањето на нападот, вклучително и во однос на видот оружје и муниција.
Исто така, се наведува дека чет-ботот дал предлози за времето и локацијата на кампусот каде што осомничениот би можел да наиде на најголем број луѓе.
„Доколку од другата страна на екранот беше човек, ќе се поднесеше обвинение за убиство“, изјави Утмајер.
Од „ОупенВИ“ реагираа дека компанијата не го смета „ЧетЏПТ“ за одговорен за инцидентот. Портпаролката на компанијата појасни дека штом биле информирани за случајот, веднаш идентификувале профил поврзан со осомничениот и доброволно ги споделиле тие информации со органите на редот.
Во пукањето, кое се случи во април 2025 година на Државниот универзитет на Флорида, беа убиени две лица, а повредени шестмина.
Осомничениот Феникс Икнер, кој во тоа време бил студент, се соочува со обвиненија за убиство и обид за убиство, а пред судот се изјаснил дека не е виновен.