Erdoğan Çağatay Zontur
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
МАРДИН (АА) - Во источна Турција е пронајден антички храм, којшто се смета дека е стар над 11.000 години.
Храмот, којшто датира од неолитскиот период со четири споменици (стели) е откопан во Даргит во Мардин, област за која се знае дека низ историјата била дом на Сумерите, Акадијците, Вавилонците, Хетитите, Асирците, Римјаните, Селџуците и Османлиите.
Археологот од Универзитетот „Мардин Артуклу“ и советник во областа на ископувањата, Ерѓул Кодаш, за Anadolu Agency (AA) изјави дека храмот, изграден со мали камења и глинени подови, му припаѓа на истиот период како и Ѓобеклитепе, познатиот „најстар храм на светот“.
Ѓобеклитепе минатата година официјално беше ставен на Листата на светско наследство на УНЕСКО, а беше откриен во 1963 година од истражувачи од универзитетите во Истанбул и Чикаго.
„Според анализите, храмот има четири стели. Мислиме дека е стар околу 11.300 години“, изјави Кодаш.
„Ископувањата се во тек, но ги расчистивме стелите. Една од четирите стели кои ги откривме беше скршена, но останатите три се сочувани до ден денес“, додаде тој.
„Не се пронајдени ликови на стелите“, рече Кодаш, додавајќи: „Овој храм од 80 метри квадратни од неолитскиот период има карактеристики слични на Ѓобеклитепе.“