Ahmet Gençtürk
08 Април 2026•Ажурирај: 08 Април 2026
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес најави забрана за пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години, која ќе стапи на сила од 1 јануари 2027 година, јавува Анадолу.
Во видео објавено на ТикТок, Мицотакис вели: „Дизајнот на некои апликации кој создава зависност, моделот на профит кој се заснова на вашето внимание, на тоа колку долго поминувате пред екранот на вашиот мобилен телефон, што одзема дел од вашата невиност и слобода, мора да заврши во одреден момент“.
„Нашата намера не е да ве оддалечиме од технологијата, која може да биде извор на инспирација, знаење и креативност. (Но) науката е јасна: Кога детето поминува часови пред екранот, неговиот ум не добива одмор“, истакна тој.
Јавниот сервис ЕРТ објави дека Мицотакис испратил писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повикувајќи на рамка на ниво на ЕУ за пристап до социјалните мрежи и интернет за деца под 15 години.
Осврнувајќи се на сопствената најава од претходно истиот ден, тој нагласи:
„Сепак, само националната акција не е доволна. Потребна е единствена европска рамка до крајот на 2026 година, која ќе ги надополни и зајакне неопходните национални иницијативи за заштита на малолетниците“.
Мицотакис, исто така, предложи воспоставување на европски „дигитален праг на возраст“ и забрана за пристап до социјалните мрежи за помладите корисници во целиот блок.
Тој рече дека платформите треба да ја потврдуваат возраста на секои шест месеци за да се спречи непочитување на правилата.
Грчкиот премиер повика и на поедноставен механизам за спроведување на ниво на ЕУ, со цел да им се помогне на земјите членки и на Европската комисија побрзо да ги оценуваат прекршувањата и да наметнуваат санкции.