Zeynep Beyza Kılıç
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Компанијата „E.OН“ вчера соопшти дека таа и компанијата „Клевер“, оператор за обезбедување мобилност кај електричните возила, со седиште во Данска, се партнери во изградбата на ултрабрзи станици за полнење на електричните возила, кои ќе бидат распоредени долж европските автопатишта, јавува Anadolu Agency (AA).
Партнерите имаат за цел да постават неколку стотици ултрабрзи локации за полнење, на секои 120-180 километри долж автопатиштата во Европа, соопшти компанијата.
„Амбицијата е да се создаде уникатна и кохерентна европска мрежа за ултрабрзо полнење, којашто ќе биде во можност да ги исполни потребите за полнење на постојните електрични возила и на следната генерација електрични возила на долго растојание“, вели компанијата.
„Првично, станиците за полнење ќе нудат 150 киловати напојување со модуларна опција за надградба до 350 киловати по технолошкиот развој“, се додава во соопштението на компанијата.
„Во првите фази, 20 до 30 минути полнење ќе им обезбеди на возилата да патуваат 400 километри, а времето на полнење понатаму ќе се намали, така што капацитетот за полнење ќе се зголеми, а технологијата на возилата ќе се развие“, се вели во соопштението на компанијата „E.OН“ (германска компанија, еден од најголемите обезбедувачи на услуги на полето на енергијата во светот).
„Транзицијата и масивното усвојување на електричната мобилност бара широк опсег на електрични возила и сигурна мрежа за ултрабрзо полнење ширум границите“, вели Каспер Киркетерп-Молер, извршен директор на „Клевер“.
„E.OН“ и „Клевер“ ги повикуваат другите компании да им се придружат во реализирањето на проектот, бидејќи е потребна голема инвестиција.