Tufan Aktaş
03 Април 2023•Ажурирај: 04 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Вселенската агенција на Кенија (КСА) се подготвува да го лансира во вселената првиот сателит за набљудување на земјата, пренесува Анадолу.
Сателитот именуван како „Таифа-1“ ќе биде лансиран на 11 април со ракетата „Фалкон-9“ на американската компанија „Спејс икс“ и ќе биде сместена во Земјината орбита.
Се истакнува дека сателитот ќе биде употребен за различни цели, како што се осигурувањето на безбедноста на храната, земјоделството, управувањето со природни ресурси и набљудувањето на животната средина.
Според наведеното, овој сателит ќе биде прв набљудувачки сателит на Кенија.
Дизајнот и склопувањето на сателитот се направени од кениски инженери и завршени се во период од две години.
Се вели дека производството на деловите на сателитот, како и тестирањето се извршени од бугарска вселенска компанија.
Хилари Бивот Кипкосгеј, кој се наоѓа на чело на Вселенската агенција на Кенија, истакна дека мисијата ќе одигра важна улога со тоа што ќе придонесе во развојот на областа на анализа на податоци и примена, како и на сателитски развој.
Оваа агенција е основана во 2017 година, а својот прв минијатурен сателит го лансираше во 2018 година.