Melike Pala
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Озонската дупка над Антарктикот брзо се прошири на почетокот на септември и достигна проценета површина од 25 милиони квадратни километри, што е околу 5 милиони квадратни километри над просекот за овој период, соопшти денес Службата за мониторинг на атмосферата „Коперник“, јавува Анадолу.
Службата соопшти дека озонската дупка се развивала со вообичаена динамика од втората половина на август, што е во согласност со моделите забележани во изминатите 46 години.
Сепак, нејзината површина нагло се зголемила во првата половина од септември, а прогнозите покажуваат дека би можела дополнително да се прошири на средината на септември.
Овој брз развој „Коперник“ го поврза со наглото намалување на минималните температури на височина од околу 20 километри над Јужниот Пол, каде што температурите може да овозможат формирање поларни стратосферски облаци.
Овие облаци придонесуваат за хемиско уништување на озонот преку активирање на халогените во присуство на сончева светлина во текот на пролетта на јужната хемисфера што, генерално, трае од август до ноември.
И покрај брзото зголемување на површината, другите показатели што ги следи службата, вклучително и минималната вредност на озонската колона во дефинираната област на озонската дупка и недостигот на озонска маса, останале близу до историските просечни вредности.
Озонската обвивка го штити животот на Земјата од штетното ултравиолетово зрачење со апсорбирање на неговиот најголем дел.
Емисиите предизвикани од човековата активност доведоа до значително истенчување на озонската обвивка во изминатите неколку децении, зголемувајќи ја изложеноста на ултравиолетово зрачење.
Озонската дупка над Антарктикот е особено изразена бидејќи стабилниот поларен вител и стратосферските ветрови во регионот помагаат да се одржат ниските температури поврзани со осиромашување на озонот.
Озонската дупка обично се формира над Антарктикот во текот на пролетта на јужната хемисфера и постепено се менува со промената на атмосферските услови.
Досега најголема озонска дупка над Антарктикот е регистрирана во 2006 година, кога зафаќала 29,6 милиони квадратни километри, според „Коперник“.