Ekipa
20 Декември 2018•Ажурирај: 21 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Тројца астронаути денес успешно се вратија на Земјата откако повеќе од шест месеци поминаа на Меѓународната вселенска станица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Руската капсула „Сојуз“ со Американката Серена Аунон-Чанселор од НАСА, Русинот Сергеј Прокопјев и Германецот Александер Герст од Европската вселенска агенција (ESA), слета на степите прекриени со снег во Казахстан, 140 километри од градот Џезказган. На Земјата пристигнаа во 11:02 часот по локално време, минута пред времето што беше планирано.
Посадата преку радиоврска јави дека се чувствува добро. Руските спасувачки тимови со хеликоптери и теренски возила пристигнаа на локацијата за да им помогнат на астронаутите да излезат од капсулата.
Триото во вселената помина 197 дена. За Аунон-Чанселор и Прокопјев тоа беше прва мисија, додека на Герст тоа му беше втор лет. Вкупно во орбитата има поминато 362 дена, со што го постави рекордот на Европската вселенска агенција.
Спасувачките екипи ѝ помогнаа на посадата да излезе од капсулата и спроведоа иницијален лекарски преглед. Астронаутите ќе бидат однесени во Џезказган, каде што ќе биде организирана кратка церемонија за добредојде, по што ќе одлетаат за своите земји, каде што ги очекува детален лекарски преглед.
Американката Ен Меклејн, Русинот Олег Кононенко и Канаѓанецот Дејвид Сен-Жак, кои на Меѓународната вселенска станица пристигнаа претходно овој месец, би требало во орбитата да останат до јуни наредната година.