Tuba Onğun
09 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Турската групација за автомобили (ТОГГ) воведе паричник за дигитални средства интегриран во паметни уреди за поврзување на технологијата за мобилност со блокчејнот „Avalanche“ (Лавина), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ова иновативно решение е прво од ваков вид во светот кое обезбедува ниво на банкарска безбедност за корисниците и овозможува неограничена употреба, како што се пасошот за паметен уред, историја на услуги, евиденција на јаглерод и негови емисии, како и осигурување и автентикација на синџирот на снабдување преку смарт договори“, се вели во соопштението на ТОГГ.
Во јуни 2022 година, ТОГГ и блокчејн платформата „Ava Labs“ потпишаа договор за партнерство за развивање и лансирање на сигурни и безбедни услуги за мобилност со паметни договори преку платформата „Avalanche“ како сигурна и брза платформа која е длабоко вкоренета во технолошките иновации.
Извршниот директор на ТОГГ, Гурџан Каракаш, истакна дека компанијата работи на создавање отворен и достапен екосистем за секој.
„Наша цел е да го подигнеме искуството за мобилност на нашите корисници со нашиот производ, со паричникот за дигитални средства, што го развивме на блокчејнот на нашиот стратешки партнер 'Ava Labs', на едно следно ниво. Екосистемот за мобилност нема лимити, ќе оди со вас каде и да го однесете“, додаде тој.
Покрај тоа, ТОГГ лансира пазар на незаменливи токени (NFT) на „Avalanche“ за корисниците да можат да купуваат, продаваат и заменуваат широк опсег на НФТ-ија, од уметноста, колекционерски предмети и друго.
ТОГГ НФТ пазарот е достапен преку паричникот за дигитални средства, што им овозможува на корисниците безбедно да ги чуваат, пристапуваат и префрлаат своите дигитални средства во движење.
Тој нуди опција „Art Mode“ што го трансформира амбиентот на автомобилот да одговара на НФТ (Ен-еф-ти) уметничкото дело што се прикажува на паричникот за дигитални средства во автомобилот.
Решенијата на ТОГГ базирани на платформата „Avalanche“ ќе отворат нова перспектива за мобилноста, овозможувајќи им на луѓето лесно да изнајмуваат различни начини на транспорт, како автомобили, скутери и паркинг места, преку една платформа со плаќања за секој чекор од патувањето на корисниците безбедно, автоматизирано, преку паметни договори користејќи го паричникот за дигитални средства, соопшти компанијата.
ТОГГ е турска технолошка компанија која го разви и првиот турски домашен електричен автомобил.