Selma Kasap
18 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Основачот на Центарот за развој на биоматеријали и инженеринг на ткива при Средноисточниот технички Универзитет (ОДТУ), проф. д-р Васиф Хасирџи и неговата студентка на докторски студии, д-р Менекше Ермиш Шен, развија чип којшто овозможува брзо дијагностицирање на канцерогените клетки преку телесни течности како плунка, крв, слуз и урина, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјално структурираната микро и нано пластична површина врз којашто се поставуваат примероците од канцерогените клетки, при што тие се подложени на многу екстремни деформации и настанува измена на структурата, благодарение на својата ниска цена и кусиот рок на дијагностицирање е на пат да ги остави зад себе традиционалните методи за дијагностицирање рак, како што е биопсијата.
Претседателот на Здружението за биоматеријали и клеточно инженерство и директор на Центарот за развој на биоматеријали и инженеринг на ткива при Средноисточниот технички Универзитет (ОДТУ), проф. д-р Васиф Хасирџи, заедно со неговата студентка на докторски студии, д-р Менекше Ермиш Шен, го развија проектот „Дијагностицирање на канцерогени клетки преку деформација на нивните јадра, користејќи микроструктурни површини“.
Проф. д-р Хасирџи во врска со проектите за употребата на чипот за рак, разговараше со дописникот на АА. Проф. Хасирџи изјави дека направиле прелиминарен патент за заедничкиот проект што го водат заедно со проф. д-р Уткан Демирџи од Универзитетот Станфорд во САД, кој е истовремено и заеднички советник во тезата на д-р Менекше Ермиш Шен, и додаде дека е поднесено барање и за меѓународен патент.
Проф. Хасирџи изјави дека на почетокот на трудот била изработена микроструктурна површина на којашто канцерогените, за разлика од здравите клетки кои имаат облици многу блиску до округла форма, по бифуркацијата (поделбата), започнале да се издолжуваат. Откако е забележано тоа, започнале да ја мерат оваа деформација, а од друга страна, започнале да истражуваат што е тоа што ги принудува јадрата на клетките да ја менуваат формата, и испитана е врската меѓу здравствениот статус на клетките и настанатите промени во формата.
Проф. Хасирџи соопшти дека цената на чипот што го развиле е многу ниска, и додаде дека неговиот рок на употреба е многу поголем од останатите хемиски методи што се користат.
Не е потребен експерт за толкување на резултатите
Д-р Ермиш Шен изјави дека програмата за откривање канцерогени клетки се темели врз пресметките мерки на јадрата, нивната површина, должината на обемот, споредба на нивната сличност во формата со круг и на споредба на клетките за кои се знае дека се канцерогени со здравите, со воочување на разликата. „Доколку се користи поголема група клетки, откривањето на канцерогените клетки е 100 отсто, а кај здравите групи изнесува 85 отсто“, соопшти д-р Шен.
Д-р Шен истакна дека постигнатите резултати укажуваат на фактот дека успеале да развијат почувствителна, брза и евтина дијагностичка алатка за откривање на канцерогените клетки. „Во нашиот систем не е потребен експерт за толкување на резултатите“, вели д-р Шен.
Трудот за развивањето на чипот, според информациите на д-р Шен, ќе биде објавен во истакнатото научно списание „Scentific Reports“ (Научни извештаи).