Ekipa
16 Ноември 2018•Ажурирај: 18 Ноември 2018
ВЕРСАЈ (AA) - Меѓународниот систем за мерење денес доби нови дефиниции за килограм и други важни мерни единици, пренесува Anadolu Agency (AA).
Денес на состанокот во Версај во Франција, земјите членки на Меѓународната канцеларија за мерки и тежина (BIPM) гласаа за одобрување на сеопфатни промени кои поттикнуваат витални човечки активности, како што е глобалната трговија и научните иновации.
Научниците претходно го редефинираа поимот на мерната единица за маса, килограм, како математичка константа, за разлика од досегашниот цилиндричен метален тег кој служеше како базна мерка.
Досегашната дефиниција на килограмот е воведена во 1889 година, кога светот прифати цврстиот цилиндар од легура на платина и иридиум да претставува точна и базна мерна единица за килограм. Станува збор за метален предмет со величина на топче за голф, кој е строго чуван во Меѓународната канцеларија за мерка во париското предградие Севр.
Со оглед дека научниците утврдија дека цилиндарот ја губи тежината, најверојатно поради гасот што се наоѓаше во цилиндарот за време на неговата изработка, цилиндарот сега заминува во историјата. Ќе го замени нова дефиниција за килограм врз база на научна формулација, односно прецизно поставени математички константи.
Земјите, исто така, едногласно ја одобрија надградбата на три други важни единици: келвин за температура, ампер за јачина на електрична струја и мол за количество на супстанција.