Husamedin Gina
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Промоцијата, атрактивноста и подигнувањето на квалитетот на средното стручно образование е врвен приоритет на Владата на Северна Македонија, истакна Арбер Адеми, министерот за образование и наука, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, денеска учествуваше на отворањето на IV Регионален семинар „Искуствата на малите и средните претпријатија во ангажман на учење преку работа“.
По своето обраќање на Регионалниот семинар министерот Адеми одговараше на новинарски прашања.
Истакнувајќи дека на меѓународниот семинар биле присутни претставници од земјите кои имаат статус на кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), Арбер Адеми рече дека модернизирањето на стручното образование и обука е значајно за пазарот на трудот.
„Националниот образовен систем треба да ги задоволува потребите и барањата на пазарот на трудот. Така што двегодишното и тригодишното средно стручно образование е целосно реформирано, имаме повеќе од 100 нови наставни програми. Четиригодишното стручно образование, исто така, е целосно реформирано“, нагласи министерот Адеми.
Тој посочи и дека Владата ќе продолжи со конкретни активности за поддршка на средните училишта и во делот на формирање реални училишни компании и во делот на опремување на средните стручни училишта.
„Така што овие активности ќе продолжат и во следниот период, бидејќи навистина промоцијата, атрактивноста и подигнувањето на квалитетот на средното стручно образование е врвен приоритет на МОН и на Владата“, додаде министерот Адеми.
Одговарајќи на новинарско прашање за преговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за покачување на платите на просветните работници, министерот Арбер Адеми истакна дека преговорите со СОНК продолжуваат, дека имаат конструктивен дијалог и дека Владата сериозно пристапува за да има идно покачување на платата во образованието.