Elena Trenchevska Chekovikj
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
СКОПЈЕ (АА) – Денес на Економскиот факултет во Скопје свечено е пуштена во употреба „Халк Читална“, која е реновирана со помош на донација на Халкбанк АД Скопје, јавува Анадолу.
Со донацијата од околу 30.000 евра извршени се инфраструктурни подобрувања, меѓу кои целосна замена и поставување нови енергетски ефикасни прозорци и нови теписони, со цел создавање попријатни и пофункционални услови за учење и истражување на студентите.
На свеченоста присуствуваа ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, професори, претставници на Халкбанк и студенти.
Деканот Санта истакна дека читалната е еден од најважните простори на факултетот и дека подобрувањето на условите за учење покажува колку институцијата ги цени студентите.
Ректорката Ангелова оцени дека обновената читална претставува инвестиција во знаењето, академската средина и студентите, нагласувајќи ја важноста од соработката меѓу Универзитетот и општествено одговорниот бизнис-сектор.
Директорот на Халкбанка, д-р Фатих Шахбаз, истакна дека донацијата е дел од определбата на банката за поддршка на младите и нивниот професионален развој. Тој ја истакна и повеќегодишната соработка со Економскиот факултет преку студентски практики, професионален развој и можности за кариера.
Реновираната и модернизирана „Халк Читална“ ќе продолжи да се користи како простор за учење и истражување, но и за развој на нови идеи и професионални контакти на студентите.