Elena Trenchevska Chekovic
05 Февруари 2026•Ажурирај: 06 Февруари 2026
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со заменик-помошникот секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД, Даниел Џ. Лотон, јавува Анадолу.
Гаши престојува во работна посета на Вашингтон, Соединетите Американски Држави (САД).
На средбата со Лотон, според соопштението на Собранието, потврдено е непоколебливото партнерство меѓу двете земји „изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и на меѓународниот мир и стабилност“.
Соговорниците размениле мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан.
„Претседателот Гаши информираше за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската Унија и изрази благодарност за континуираната поддршка од САД во процесот на реформите“, се вели во соопштението.
Гаши на средбата е придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владина делегација на Северна Македонија, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, претседателот Гаши остварил пријателска средба и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Северна Македонија, со кого е разговарано за неодамнешните политички случувања и продлабочувањето на стратегиското партнерство со САД.
На средбите се потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.