АТИНА (AA) – ФУРКАН НАЏИ ТОП –
Во Грција се приближуваат предвремените парламентарни избори, земјата се бори со економската криза, а фотелјата на премиерот Алексис Ципрас, кој остави свој белег во политиката последните две години, „се ниша“.
На изборите за Европскиот парламент (ЕП), неговата партија, СИРИЗА, загуби со 9,5 поени од најголемата опозициска централно десничарска партија Нова Демократија (НД).
По поразот, Ципрас одлучи да организира предвремени парламентарни избори, 4 месеци пред редовните. Се коментира дека на парламентарните избори Ципрас ќе ја загуби 4-годишната власт.
Ципрас, најмладиот премиер на земјата, брзо ја зголеми популарноста со решителните ветувања во годините кога економската криза длабоко го погоди грчкиот народ. Со сигурност се истакнува дека на вонредните избори премиерската фотелја ќе му ја препушти на лидерот на Нова Демократија, Киријакос Мицотакис.
Во најновите анкети, разликата помеѓу двете партии изнесува помеѓу 8 и 11 поени. Се нагласува дека најголемата опозициска партија, Нова Демократија, најверојатно ќе освои доволно пратенички места за да може сама да состави Влада.
Сепак, оваа ситуација ќе зависи од бројот на партии што можат да го надминат изборниот праг од 3 проценти.
Левичарската влада на СИРИЗА е во тешка позиција, поради економијата во земјата и Договорот за името (Преспанскиот договор) со Република Македонија, кој владите на двете земји го потпишаа минатата година во јуни, во грчкиот дел на Преспа. Според договорот, Македонија го смени своето име во Република Северна Македонија.
Иако Ципрас дојде на власт со ветување дека земјата ќе ја спаси од кредитори, почна да спроведува горчливи економски рецепти. Со строгата фискална дисциплина успеа да излезе од спасувачките пакети и по долго време успеа да ја спаси економијата од рецесија.
Сепак, јавноста реагираше на економските политики.
- Дебатата за Преспанскиот договор влијаеше позитивно за опозицијата
Ципрас имаше водечка улога во решавањето на проблемот за името на Северна Македонија, кој траеше повеќе од четвртина век. За тоа доби пофалби од западните лидери, но во неговата земја беше критикуван особено од конзервативните средини.
Овие дебати најмногу му користеа на лидерот на Нова Демократија, Мицотакис, кој тврдеше дека ако дојде на власт ќе ги промени членовите од Преспанскиот фоговор (Договор за решавање на спорот за имео) кои се однесуваат на националноста и јазикот.
Киријакос Мицотакис е син на поранешниот премиер кој остави впечаток во грчката политика, Константинос Мицотакис, и брат на Дора Бакојани, поранешната министерка за надворешни работи на Грција. Лидерот на Нова Демократија се смета како доверливо лице за економијата.
Мицотакис дипломирал на Универзитетот „Харвард“. Бил министер за административни реформи во Кабинетот на премиерот Андонис Самарас во 2013 година, кога економската криза во земјата го достигна врвот. Нуди економска програма која ветува леснотии при водењето бизниси и привлекување инвестиции со намалување на даночното оптоварување.
Тој ги избегнува ветувањата како што се зголемување на платите и социјалните права. Успехот на Мицотакис на изборите за Европскиот парламент и можноста да состави сам Влада позитивно се одразија во економијата, со пад на стапките за обврзници и пораст на Атинската берза.
Димитрис Керидис, професор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот „Пантеион“, тврдејќи дека јавноста смета дека Преспанскиот договор е постигнат под притисок на ЕУ и САД, рече: „Прашањето за Македонија предизвика Ципрас да се оддалечи од народот кој го донесе на власт“.
Укажувајќи на тоа дека јавноста на изборите за Европскиот парламент се откажа од популизмот, Керидис рече дека очекувањето на грчкиот народ од новата власт е земјата што побргу да излезе од економската рецесија и да се спречи корупцијата.
- Ципрас предупредува на „режим каде што земјата ја водат други сили“
Од друга страна, во земјата продолжува изборната кампања, но е далеку од изборна атмосфера. На патот што го водеше до власта, Ципрас собираше десетици илјади луѓе на плоштадите. На овие избори кампањата ја води со телевизиски интервјуа, реклами и средби со граѓаните.
И другите лидери спроведуваат слична кампања како Ципрас. Во агендата на изборната кампања доминираат обвинувањата за корупција, македонското прашање и ефектите од економската криза. Покрај тоа, на дневен ред се и односите со Турција и ескалацијата на тензијата за енергија во Источниот Медитеран.
Ципрас, во изборната кампања, често потсетувајќи дека за време на економската криза и тешките години во земјата на власт била Нова Демократија, од гласачите бара да му дадат повторно шанса за да не се вратат во периодот на „режим каде што земјата ја водат други сили“ и „династијата на Мицотакис“.
Мицотакис во својата кампања се фокусира на економската програма и го критикува Ципрас за неуспехот во економскиот раст на земјата и особено поради ефектите од кризата, која во првите 6 месеци стигна до работ на напуштање на еврозоната.
- Турција и Источниот Медитеран се на агендата на изборната кампања
Поради турскиот брод за дупчење (сондажа) „Фатих“, кој ги започна своите активности во Медитеранот, во кампањата за предвремените избори во Грција на дневен ред дојдоа и односите со Турција.
Во грчката политика и медиумите едно од прашањата за кои најмногу се дебатира е прашањето за односите со Турција, кои повторно се тензични поради Источниот Медитеран.
Премиерот Ципрас беше критикуван дека односите со Турција ги користи како тема за избори, откако ја прекина изборната кампања и го свика Националниот совет за безбедност поради развојот на настаните во Источниот Медитеран.
Во однос на Источниот Медитеран, Мицотакис, исто како и Ципрас, се залага за санкции од ЕУ за Турција. Мицотакис го обвини Ципрас дека сака да стигне до повеќе гласови, носејќи на дневен ред меѓународни теми.
Исто така, за време на кампањата на дневен ред дојде уште еден важен проблем во односите со Турција, а тоа е бегалската криза. Мицотакис вети дека ќе го забрза враќањето во Турција на околу 15 илјади бегалци, кои живеат во камповите на егејските острови во рамките на договорот постигнат меѓу Турција и ЕУ.
- Можност за коалиција
И покрај тоа што е сигурно дека Нова Демократија ќе победи на изборите, судбината на новата ера е одредена од тоа колку партии ќе го надминат изборниот праг од 3 отсто и ќе успеат да пратат пратеници во Собранието.
Ако десничарската партија „Грчко решение“ (Elliniki Lisi), чие име за прв пат се слушна на овие избори, и партијата „Мера 25“, основана од Јанис Варуфакис, кој беше министер за финансии во првиот период на СИРИЗА, го надминат прагот од 3 отсто, можно е на дневен ред да дојдат преговори за коалиција.
Мицотакис, кој ја отфрли можноста за коалиција, нагласи дека треба да дојде на власт за да состави силна влада и најави дека повторно ќе бара да се оди на избори во август ако се појави можноста за коалиција.
Анкетите за јавното мислење покажуваат дека гласачите, кои сакаат да гласаат за малите партии, поради загриженост од губење на нивните гласови, се пренасочуваат кон СИРИЗА и Нова Демократија.
Лидерот на партијата „Независни Грци“ (ANEL), кој беше коалициски партнер на СИРИЗА до пред два месеци, Панос Каменос, по неуспехот на изборите за ЕП најави дека се повлекува од трката. Изјавите на Каменос за Турција предизвикаа дебати.
Се соопштува дека друг важен фактор што ќе влијае на исходот од изборите е стапката на излезност. Во Грција, од 1928 година изборите се одржуваат за прв пат во текот на летните месеци. Постои загриженост дека процентот на гласачи што нема да излезат на гласање е висок.
news_share_descriptionsubscription_contact
