Ivana Ramadanova
07 Ноември 2016•Ажурирај: 07 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска се сретна со Торстен Фрај, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на ЦДУ/ЦСУ и главен известувач во Бундестагот за Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што информираа од владината прес-служба, на средбата соговорниците ги поздравија добрите билатерални односи меѓу двете држави и ја истакнаа заложбата за континуирано унапредување и продлабочување на соработката во секоја сфера од заемен интерес.
Двете страни ја истакнаа значајноста и потребата за организирање фер и демократски избори. Премиерот Димитриев ја потврди фокусираноста на Владата за организирање кредибилен изборен процес и го истакна јасниот владин став за поддршка на работата на Државната изборна комисија за прашањата за кои комисијата изразува таква потреба
„Претседателот на Владата, Димитриев, и германскиот пратеник Фрај се согласија дека сите политички партии треба да имаат позитивен пристап кон градењето доверба во изборниот процес и дека политичките партии треба да ги прифатат резултатите од изборите со цел креирање на политичка влада која ќе има полн фокус на приоритетите за развој на економијата, реализација на стратешката определба на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО, и реформите за унапредување на стандардите кои се од значење за нашите европски и евроатлански интеграции“, се вели во соопштението од Владата
На средбата станало збор и за справувањето со ефектите од мигрантската криза, при што премиерот Димитриев посочил дека крајот на домашната политичка криза ќе обезбеди и дополнителен квалитет во надминувањето на актуелните и на потенцијалните предизвици во врска со мигрантите.