Admir Fazlagic
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Пријателските односи меѓу двете земји да се одразат на политичкиот дијалог и содржински да ја збогатат соработката меѓу Македонија и Кралството Јордан, е заклучокот од средбата на претседателот Иванов со Кралот на Јордан Абдула II, одржана на маргините на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Потребна е почеста размена на посети на сите нивоа, да работиме на унапредување на правната рамка која ќе создаде услови за поголема соработка во сите сфери од заеднички интерес на народите од двете држави", истакнаl претседателот Иванов, потенцирајќи дека со интензивирањето на политичкиот дијалог и контактите на сите нивоа, можеме да се надеваме на зголемена билатерална соработка, особено во сферата на економијата, трговската размена и безбедноста, соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов.
Во однос на мигрантската и бегалската криза претседателот Иванов и кралот Абдула ја констатираа неопходноста од сеопфатен одговор и решение, за чијшто предуслов најпрво е потребен итен прекин на огнот, мир и стабилност во воените жаришта на Блискиот исток.
Во тој контекст, кралот Абдула II го информираше претседателот Иванов за актуелните состојби во Јордан каде што во моментов има огромен број бегалци, претежно од Сирија, за неговите иницијативи за надминување на оваа криза како и за начините за справување со хуманитарната катастрофа со која се соочува неговата држава.
„Ние сме определени да бидеме фактор за траен мир и стабилност во нашиот регион", рече јорданскиот крал.
Двајцата соговорници изразија подготвеност и за натамошна соработка и поддршка на мултилатерален план.