Alma Çekovic,Fatjon Cuka
10 Март 2016•Ажурирај: 11 Март 2016
ТИРАНА/РИМ - Италија соработува со Албанија со цел да се спречи приливот на бегалци и мигранти во таа земја преку „јадранската рута” сега кога т.н балканска рута е затворена, соопшти италијанскиот министер за внатрешни работи, Анџелино Алфано, во пресрет на министерскиот самит на ЕУ во Брисел, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Работиме заедно со цел отстранување на предусловот кој би можел да ја одреди оваа негативна појава”, истакна Алфано, напоменувајќи дека е логично по затворањето на балканската рута да постои можност од отворање на друга рута.
„Тоа е она што ни налага логиката, но фактите на теренот тоа моментално не го потврдуваат”, рече Алфано, пренесуваат италијанските медиуми.
Шефот на италијанската полиција соопшти дека во наредните денови планира да ја посети Албанија, со цел со тамошните власти да се договори да „сторат сè што е во нивна моќ за спречување на илегалната миграција”.
Истовремено, во Тирана денес се одржа седница на Собранието на којашто се говореше за можното отворање на нова бегалска рута, преку Италија и Албанија, откако вчера е затворена балканската рута, којашто бегалците ја користеа на својот пат кон земјите на западна Европа.
Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, изјави дека Тирана по тоа прашање соработува со Рим уште од почетокот на годината и дека помеѓу двете земји постои план за заеднички мерки со цел да се изборат со оваа појава.
Бушати истакна дека ниедна земја не може сама да се ибори со проблемите кои произлегуваат од кризата со којашто е погоден европскиот континент.
Со тоа се сложи и министерот за внатрешни работи на Албанија, Саимир Тахири, кој повтори дека за решавање на бегалската криза е потребно единствено европско решение.
Тахири соопшти дека по налог на премиерот Еди Рама, државните институции се во постојана координација во случај на можен прилив на бегалци. Албанија во тој контекст ја зајакна контролата на своите гранични премини со Грција.
Таканаречената балканска рута од вчера е практично затворена, откако Словенија го заостри режимот за влез во Шенген зоната и престана да им дозволува влез на бегалците без валидни пасоши и визи.
По одлуката на Словенија, истото го стори и Хрватска, додека Владата на Србија го усогласи функционирањето на границата кон Бугарија и Македонија со правилата кои ги воведоа тие членки на ЕУ.
Откако се објавени поостри ограничувања за влез на бегалците, Македонија во целост ја затвори својата граница со Грција, на чија територија моментално престојуваат неколку десетици илјади бегалци од блискоисточните земји.