Furkan Abdula
28 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари телефонски разговор со премиерот на Украина, Денис Шмигаљ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ковачевки ова го потврди преку објава на својот Фејсбук профил.
„Вчера доцна попладне имав телефонски разговор со премиерот на Украина, Денис Шмигаљ. Му пренесов дека сочувствуваме со Украина и истовремено се восхитуваме на храброста со која Украинците ја бранат својата слобода и сувереноста на државата“, напиша Ковачевски.
Тој истакна дека на својот колега му порачал дека Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО, и е во постојана координација за поддршка на Украина.
„Подготвени сме да ги прифатиме граѓаните на Украина доколку побараат времено засолниште во нашата земја и остануваме во контакт за сите идни активности за поддршка и помош“, нагласи Ковачевски.
Според соопштеното, украинскиот премиер Шмигаљ се заблагодарил во име на граѓаните на Украина за досегашната поддршка и помош.