Elena Trenchevska Chekovic
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во официјална посета на Украина, каде што оствари средба со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, пренесува Анадолу.
Во фокусот на разговорите, според македонското Министерство, биле можностите за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете земји на билатерален и мултилатерален план.
Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на економската соработка, европската перспектива на двете земји, актуелните безбедносни предизвици, како и на можностите за учество на Северна Македонија во процесот на закрепнување и реконструкција на Украина.
Муцунски ја потврдил цврстата и континуирана поддршка на Северна Македонија за Украина, нагласувајќи ја принципиелната позиција на земјата во однос на почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и меѓународното право.
„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила. А меѓународното право не може да биде прашање на избор кога неговото почитување не ни одговара“, истакна Муцунски.
На средбата е нагласено и поширокото значење на безбедноста на Украина за европската и трансатлантската безбедност, како и потребата од заеднички и координиран ангажман на сојузниците и партнерите во создавањето услови за праведен и траен мир.
Муцунски на средбата ја потврдил и подготвеноста на Северна Македонија да продолжи да придонесува кон меѓународните напори за поддршка на Украина и активно да се вклучи во процесот на нејзино закрепнување и обнова.
Двајцата министри ја потврдиле подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната и мултилатералната соработка, како и за унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји.
Во рамките на посетата, Муцунски остварил средба и со Олександр Корниенко, прв заменик-претседател на Врховната рада на Украина.