Abdula Berisha
16 Јуни 2022•Ажурирај: 17 Јуни 2022
OХРИД (AA) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на прес-конференција ги соопшти деталите од Преспа форумот за дијалог (ПФД) што денеска и утре се одржува во Охрид, јавува Aгенција Анадолија (AA).
Министерот Османи истакна дека датумите на форумот се совпаѓаат со 4-годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши спорот за името меѓу Северна Македонија и Грција.
Османи рече дека е големо задоволство по вторпат да се организира форумот, што, според него, ја потврдува минатогодишната намера форумот да се претвори во редовна платформа за градење мостови и култура на пријателство.
„Северна Македонија со овогодинешната организација на овој значаен настан годинава го потврди своето место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер од кој произлегуваат позитивни иницијативи и уште еднаш успеа да се докаже како значаен сојузник, особено кога се работи за придонесот во меѓународните односи“, рече Османи.
Говорејќи на овогодишната тема на форумот „Градење на иднината на Западен Балкан во современата европска безбедносна архитектура“, Османи рече дека таа има за цел да ги одрази актуелните надворешнополитички предизвици и современите безбедносни закани.
„Западниот Балкан неминовно е дел од оваа нова архитектура на меѓународните односи, особено од аспект на новата безбедносна архитектура на Европа. Ова е најважната тема за нас во моментов, но и безбедносно прашање коешто стои високо во агендата на нашите партнери“, рече Османи.
Тој истакна дека меѓу другите теми за кои ќе се разговара на форумот се изградбата на издржлива и безбедна средина, зајакнувањето на стратешките партнерства, економската соработка и други.
Османи на главната сесија на форумот со наслов „Што по Украина?“, рече дека се очекува говор да одржи и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
На ПФД присуствуваат високи претставници на земјите од регионот, вклучително и претседатели или премиери, високи претставници на Европската Унија (ЕУ), вклучително и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и специјални претставници за регионот од САД, ЕУ, Обединетото Кралство, Германија и други земји.
На ПФД присуствуваат и министрите за надворешни работи на многу земји, меѓу кои и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
Преспа форумот за дијалог (ПФД) е платформа формирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнат партнерствата.
Форумот има за цел да ги инспирира и промовира добрососедските односи и соработката. Платформата е замислена како место за размена на мислења и идеи за можни решенија за билатералните прашања.