Abdula Berisha
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, изјави дека граѓаните на Северна Македонија, кои вчера беа на аеродромот во Кабул, го напуштиле Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што посочи тој, граѓаните на земјата летале во неколку групи, при што едната слетала во Доха, Катар, а другата во Абу Даби на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додавајќи дека нивниот транспорт е веќе неспорен.
Османи информираше и дека група од 19 граѓани тргнале од Кабул за Доха, додавајќи дека во моментов во Кабул има 14 државјани на Северна Македонија.
„Според последните информации, нема веќе наши граѓани кои чекаат на терминалите на аеродромот во Кабул за евакуација, со што ја реализиравме евакуацијата на сите тие што вчера беа на аеродромот во Кабул. Но, во базата на НАТО во Кабул, која е близу до аеродромот во Кабул, има уште 14 наши граѓани. 11 од нив наскоро ќе бидат префрлени на аеродром и ќе заминат за Доха, додека 3 од нив ќе останат и ќе бидат последните што ќе бидат евакуирани заедно со армијата“, рече Османи.
Вчера, министерот Османи информираше дека во Кабул има вкупно 75 граѓани на Северна Македонија, од кои 50 биле на аеродромот, додека други 25 во воената база во близина на аеродромот.
- Сè уште не е познат бројот на авганистански државјани што привремено ќе престојуваат во Северна Македонија -
Османи информираше дека во Владата на Северна Македонија е формирано координативно тело за прашањето на авганистанските цивили што привремено ќе престојуваат во Северна Македонија.
Министерот рече дека релевантните институции на земјата ги разгледуваат барањата на меѓународните организации и во зависност од проценките, се одобрува приемот на авганистански цивили.
„Можам да кажам дека има барање од Националниот демократски институт за дополнителни 200 цивили, пред сè жени и деца на активисти, вработени во Националниот демократски институт во Авганистан, и тоа се списоци коишто ги третираат надлежните служби, Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи и согласно тоа ќе се одговори“, рече Османи.
Покрај тоа, Владата преку соопштение синоќа соопшти дека се работи на утврдување на деталите за прием на 186 други авганистански цивили.
„Во овој момент се работи на координација и утврдување на деталите за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејствата на вработени од Мисијата на Обединетите нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејствата од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан“, стои во соопштението.
Исто така, од Владата информираат дека се работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави.
„Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, сè до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации“, стои во соопштението.
По брзото напредување на талибанците во Авганистан, се влоши безбедносната состојба за странските државјани и авганистанските цивили кои работеа за меѓународните организации и кои се чувствуваат загрозени од талибанците.
Откако претседателот Ашраф Гани го напушти Авганистан и владините сили се повлекоа од главниот град Кабул, талибанците почнаа да ја преземаат целосната контрола и врз главниот град, додека на аеродромот во Кабул вчера беше забележан прилив на цивили што го попречи нормалното функционирање на аеродромот.