Husamedin Gina
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, денес одржа брифинг за новинарите во врска со вчерашните претседателски избори 2019 и предвремените избори за градоначалник на општините Охрид, Ново Село и Дебар, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, на брифингот истакна дека посакува и вториот круг од претседателските избори да помине во најдобар ред, како и првиот.
„Прво би посакал и вториот круг да помине во најдобар ред како што беше вчера, доколку во вториот круг имаме тужби, затоа и брифингот во суштина се организираше за да е полесен пристапот. Ние, обично, веднаш штом стигнуваат тужбите на официјалната веб-страница се објавува информација дека има поднесено тужба“, рече Сејдини, нагласувајќи дека доколку има тужби јавноста благовремено ќе биде информирана.
Тој, исто така, истакна дека денешниот брифинг бил планиран за да се подобри комуникацијата на Управниот суд со пошироката јавност, се разбира, преку новинарите.
Сејдини, исто така, посочи дека во март годинава се формирани пет совети кои по случаен избор одлучуваат по тужбите доколку ги има. Рокот за одлучување на Управниот суд е 48 часа од моментот на поднесување на тужбата.
На минатите избори до Управниот суд биле поднесени 27 тужби.
Според првичните резултати од првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија, од 99,49 проценти обработени гласачки ливчиња, кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова ќе се натпреваруваат во вториот круг од изборите што ќе се одржи на 5 мај оваа година.
Пендаровски, кандидат поддржан од владејачката коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), тесно води со 42,84 проценти (323.463 гласови) пред Силјановска-Давкова, кандидат поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која освои 42,24 проценти (318.945 гласови) од вкупниот број гласови.
Претседателскиот кандидат на опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса на Албанците и Движењето Беса, Блерим Река, како треторангиран според досегашните резултати, нема право да учествува во вториот круг од изборите.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), Река има освоено 10,57 отсто од вкупниот број гласови, односно ја доби поддршката од 79.824 граѓани.
Излезноста, според податоците на ДИК, во првиот круг од претседателските избори изнесува 41,97 или 721.595 гласачи го искористиле своето право на глас, од вкупно 1.808.131 гласач.
Меѓу другото, покрај првиот круг од претседателските избори, граѓаните на Охрид, Дебар и Ново Село имаа можност да го искористат своето право на глас за избирање градоначалници на овие општини.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, по затворањето на избирачките места одржа прес-конференција на која истакна дека гласањето во текот на денешниот ден поминало мирно, без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Спасовски им се заблагодари на институциите и на граѓаните за, како што рече, успешно спроведените избори.
Вториот круг од изборите ќе се одржи за две недели, на 5 мај.
Ова се шести претседателски избори, по осамостојувањето на земјата.