Ikrame Imane Kouachi
12 Април 2025•Ажурирај: 14 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Сирискиот претседател Ахмед Ал-Шара ја потврди силната определба на Сирија за дијалог и дипломатија како клучни алатки за решавање на конфликтите и за унапредување на регионалната и глобалната стабилност, јавува Анадолу.
Тој ја даде оваа изјава за време на неговото учество на 4. Форум за дипломатија во Анталија, кој започна вчера во турската област Анталија.
Во изјавата што ја пренесе сириската новинска агенција САНА, претседатлеот Шара истакна дека учеството на Сирија произлегува од „цврстото уверување на Сиријската Арапска Република дека дијалогот и дипломатијата се најефикасните средства за решавање на спорови и зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и во светот“.
Тој го оцени форумот како „вредна можност“ за размена на мислења со светски лидери и претставници за актуелните регионални и глобални предизвици.
Шара, исто така, го нагласи значењето на „почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сиријската Арапска Република“, во екот на континуираните израелски прекршувања на сириската територија.
Откако Шара ја презеде претседателската функција по падот на режимот на Асад во декември 2024 година, Израел изврши серија напади врз сириска територија без да добие одговор или закани од Дамаск.
Израел, исто така, на сириската територија ја зазеде тампон зоната под надзор на ОН, наведувајќи ја потребата да се „обезбеди“ окупираната Голанска Висорамнина.
Во последните месеци, израелските воздушни напади врз Сирија станаа речиси секојдневие, при што се гаѓани сириски воени позиции, магацини за оружје и инфраструктура, што резултираше со цивилни жртви и оштетување на опремата на сириската армија.
Израел го окупираше поголемиот дел од Голанската Висорамнина во 1967 година, а со последните политички промени во Сирија ги прошири своите контроли и врз поранешните демилитаризирани зони, со што го прекрши Договорот за раздвојување од 1974 година.
На крајот, Шара му упати „благодарност и признание на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, за топлото гостопримство и искрениот интерес“.
Форумот за дипломатија во Анталија, кој трае три дена, започна вчера на тема „Враќање на дипломатијата во фрагментиран свет“ и ги обединува светските лидери, дипломати и носители на одлуки од различни делови на светот.