Ivana Ramadanova
22 Јануари 2016•Ажурирај: 23 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во функција на подготовка на изборите на 24-ти април 2016 година, денес се одржа работна средба на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите и Државната изборна комисија, јавува Anadolu Agency (AA).
Двете страни ја истакнаа својата посветеност и заложба за организација на фер, кредибилни и демократски избори, стои во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.
Владата за спроведување на избори и Државната изборна комисија, согласно законските прописи и изразената волја се согласија за координирана соработка во функција на спроведување на фер, кредибилни и демократски избори, интензивна комуникација во насока на креирање на решенија за реализација на изборниот процес согласно законските прописи и дејствување во интерес на граѓаните на Македонија.
Владата за спроведување на изборите ја истакна својата постојана подготвеност за одговор на барањата на Државната изборна комисија и задоволување на кадровските, организациските, финансиските, техничките и сите останати потреби на Државната изборна комисија.
Државната изборна комисија ги презентираше своите активности за спроведување на изборите и обезбедување на доверба во изборниот процес, начелните акциски планови, видувањата и размислувањата по однос на изборниот процес и посветеноста на Комисијата кон организацијата на изборите.
На средбата беа изнајдени решенија за поголем број на отворени прашања кои беа претставени од страна на Државната изборна комисија, а се однесуваат на определени финансиски решенија, технички потреби, опрема, начини на обезбедување на материјали и достапност на државните институции за потребите на ДИК.
Владата за спроведување на избори веднаш ги задолжи владините институции и тела за реализација на конкретните заклучоци кои беа договорени на средбата а се однесуваат на барањата на ДИК.