Ivana Ramadanova
13 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Рудолф Шустер, поранешен претседател на Словачката Република, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата, претседателот Иванов на поранешниот словачки претседател Шустер му упати честитки за доделениот почесен докторат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи, констатирајќи дека двете земји градат добри односи коишто се темелат на меѓусебно разбирање и пријателство, континуиран политички дијалог, партнерска соработка во голем број области и длабоки културни врски.
Македонскиот претседател изјави дека очекува да продолжи позитивната динамика во соработката и натамошното интензивирање на билатералниот политички дијалог на сите нивоа.
Во контекст на аспирациите на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО, претседателот Иванов изјави дека очекува оти Словачка, како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори.
На средбата беше изразено задоволство од позитивниот развој на економските односи меѓу двете земји и континуираниот раст во трговската размена. Во однос на соработката во областа на културата и реализираните бројни заеднички активности, двајцата соговорници изјавија дека очекуваат таа и понатаму да се продлабочува.