Furkan Abdula
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, престојува во официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки се состана со министерот за надворешни работи на земјата, Бујар Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи и Дендијас одржаа тет-а-тет средба во Министерството за надворешни работи, по што следуваше средбата меѓу делегациите на двете земји. По оваа средба, Османи и Дендијас одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Османи истакна дека упатил благодарност до Дендијас за конкретните чекори што се случиле во овој период, кои, според него, се одраз на пријателството меѓу двете земји, пред сè за донацијата на 20.000 вакцини против Ковид-19 и интервенцијата на граничните противпожарни служба во граничните подрачја околу Гевгелија со цел гасење на пожарите.
„Најдобар индикатор дека политичките односи се развиваат во добар правец се економските индикатори. Задоволство беше да ги комуницираме бројките од овие осум месеци во оваа година коишто покажуваат зголемување за дури 20 отсто на трговската размена помеѓу Грција и Северна Македонија, достигнувајќи дури 400 милиони евра трговска размена“, рече Османи.
Тој нагласи дека разговарале и за останатите потенцијали за унапредување на соработката, за модернизација на железничкиот сообраќај, отворањето на новите гранични премини, и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство, познат како Преспански договор.
Османи нагласи дека на средбата со Дендијас разговарале и за прашањето за европската перспектива на регионот, пред сè на Северна Македонија како модел што според него ги исполнил и политичките и економските критериуми за започнување на преговорите.
„Разговаравме и за актуелностите што го оптоваруваат светот, кризата во Авганистан, можноста за потенцијална хуманитарна криза, мигрантска криза, и тука се обврзавме на блиска соработка не само како најблиски соседи, меѓутоа и како НАТО-партнери да работиме заедно да се соочиме со сите можни идни предизвици“, додаде Османи.
- „Западен Балкан не смее никогаш повторно да стане буре барут на Европа“ -
Грчкиот министер Дендијас рече дека овие средби се показател на желбата од Владата на Мицотакис за продлабочување на билатералните врски меѓу двете земји, и дека тоа е показател на целосна поддршка за Северна Македонија на нејзината европска иднина.
„Грција е и може да биде најтесниот соработник на Северна Македонија и нејзиниот најдобар пријател. Грција, како непосреден сосед, има секаква причина да се обезбеди стабилноста и благосостојбата. И секогаш им велиме на нашите партнери од Европа дека Западен Балкан не смее никогаш повторно да стане буре барут на Европа. Се трудиме на секој можен начин за стабилноста на Западен Балкан“, истакна Дендијас.
Тој нагласи дека соработуваат во областа на министерствата за одбрана, за заштитата на воздушниот простор на Северна Македонија, заштита на информации и за заштита на византиските и поствизантиските споменици.
Според него, Грција го продолжува патот на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ), а како што рече тој, ќе продолжат да работат колку што можат посилно со цел првата заемна седница помеѓу владите да биде колку што е можно најбрзо.
Дендијас изрази задоволство од чекорите што ги направила Северна Македонија за влез во европското семејство.
„Имплементацијата на Преспанскиот договор не е една бирократска работа, туку треба да се имплементира секоја буква. Веруваме дека имате направено избор да бидете до нас, до Грција, до патот кон големото европско семејство“, рече Дендијас.
Тој нагласи дека Владата на Грција ќе работи тесно со Владата на Северна Македонија за постигнување на целите на соседната земја.