Elena Trenchevska Chekovikj
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Албанскиот министер за надворешни работи Ферит Хоџа соопшти дека имал суштинска размена на мислења со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха за најновите случувања во Украина, тековните напори за ставање крај на, како што наведе, неправедната руска агресивна војна, како и за поширокиот европски безбедносен пејзаж, пренесува Анадолу.
Тој во објава на социјалните мрежи истакна дека „Албанија цврсто стои покрај Украина уште од првиот ден на бруталната руска агресија и дека ќе продолжи да ја поддржува Украина со непоколеблива посветеност, на секој можен начин“.
Во разговорот, двајцата министри размениле мислења и за нивните европски патишта, нагласувајќи ја важноста од одржување на импулсот за европската интеграција на двете земји.
Во разговорот, како што истакна Хоџа, станало збор и за билатералните односи и претстојните активности, вклучително и за министерскиот состанок што ќе се одржи во јуни во Тирана, потврдувајќи ја блиската соработка и заедничката посветеност на мирот, безбедноста и регионалната стабилност.